Никогаш не бев од оние кои обожаваат да работат. Јас сум повеќе човек кој ги следи своите мисли и не обрнуваат внимание на она што ги опкружува. Со години не ги забележував различните тактики за напредување на работа.

Секогаш мислев дека доволно е да дадам сѐ од себе за да успеам и без тактики. Живеев со ставот дека е луксуз да одбиеш работа ако ти се нуди некаква обврска или работа.

По 20 години прифаќање на сѐ и сешто, почнувам да мислам дека можеби и не сум била во право. Чудни се денешните работи, а уште почудни се работниците, сѐ поголем е бројот на луѓе кои максимално се трудат да сработат што е можно помалку во текот на денот. Нивната логика се движи по линијата: „Не можеш ти толку малку да ме платиш колку што јас можам малку да работам.“

Тука се и луѓето кои ја мерат количината на сработеното и по своите мерки се трудат да не работат ни грам повеќе од своите колеги. Секако, има и луѓе кои работат детално, прецизно и брзо, не обрнувајќи внимание на колегите. Доколку не се некоја функција или ако не малку повеќе платени, а понекогаш дури и да се, нашиот народ ги нарекува Будали.

Би можела да ги поделам тие Будали на две подгрупи: оние кои се вистински вредни и трудољубиви и сонувачи и идеалисти, а јас себе би се ставила во оваа вторава група. Но, будала си е будала.

Сега ми е јасно дека некои работи треба да ги одбиеш, добро ми е таму каде што сум, сѐ додека го имам она што го имам. Еве веќе пред мене го гледам третиот оглас за работа и си велам добро е што и таа среќа ме заобиколи. А некогаш имало и периоди кога немало конкурс на кој немам аплицирано, па така од навика, CV-то секогаш ми е некаде при рака.

Неодамна една пријателка ме праша:

„Мислиш дека на друго место би земала повеќе?“

„Искрено, повеќе не ми е важно дали ќе добијам некој денар плус, ако со тоа всушност само уште посилно ќе си ги стегнам оковите. Многу ми е поважно да добијам слободен ден кога ми е потребен. Чудно е тоа што она што денес ме прави среќна нема врска со платата, колку и да имала таа влијание врз мојот живот.“

Можноста да бидам покрај болното дете или убавината на изненадната средба понекогаш навистина нема цена.