Како е да се биде наставник во време на Ковид-19, со што се соочуваат учениците?

Привикнувајќи се на новата реалност или пак новото „нормално“, ученците оваа учебна година се привикнуваат на еден нов вид настава.  Министерството за образование и наука воведе онлајн настава во скоро сите училишта низ државата, создадоа платформа за учење од далечина, ги скратија часовите…

Нов предизвик и за учениците и за наставниците, но и за родителите. 

Како е да се биде наставник во време на Ковид-19, со што се соочуваат учениците? Дали и колку ефикасно учат децата кога се дома од она што им се задава како задача? Како на сето ова гледаат наставниците и кои се нивните предизвици, разговаравме со дел од нив.

Јагода е одделенски наставник во Куманово. Таа има уште две години за во пензија. Онлајн наставата за неа е еден огромен предизвик.

-Во мои 60 години учам нешто сосема ново. Не се срамам од тоа да кажам дека моите ученици кои се четврто одделение многу побрзо ја совладаа платформата. Тешко е, но се навикнуваме, сите заедно. Учениците кои си учат во нормални услови, си учат и сега, што многу ме радува. Се трудам на секој можен начин на учениците да им го олеснам учењето во домашни услови. Има и такви ученици кои немаат услови за да ја следат наставата. На некои редовно им снемува интернет, други немаат друга соба, за да бидат сами додека се на час, па во позадина се слушаат гласови од други членови на семејството или пак се слуша телевизорот. Ова беше да кажам само искуство, и се надеваме дека веќе од наредната година ќе се вратиме во нормала, па да го надодкнадиме сето она што е изгубено, а изгубено е многу. 

Професор Горан кој предава во економско средно училиште, смета дека далечинското учење никако не може да ја замени вистинската училница. 

-На учениците треба да им дадеш знаење, но потребно им е и многу нешто друго. Насмевка, пофалба, критика... Со затворање на училиштата запре и учењето. Се трудиме максимално, но сепак сметам дека учениците го имаат најголемиот товар. Кој и како ќе им го надокнади изгубеното? Што може да се научи за половина час?

Маја е мајка на ученик во четврто одделение. Таа смета дека ова е пропадната година. 

-И така материјалот е многу обемен. Тешко е кога децата посетуваа настава во училиштата, а не па вака. Наставниците си бараат знаење, испрашуваат, прават тестови. Децата се препуштени сами да учат дома, родителите глумат наставници. Оваа година пропадна дефинитивно, се надеваме на подобра наредна учебна година.

Јована е средношколка. Таа вели дека се снаоѓа добро, но дека е тешко. 

-Можам да кажам дека е уште потешко од тоа што беше. За половина час не може да објасни материјало. Плус снемува конекција. Играме глув телефон. Дел од моите врсници оваа настава не ја сфаќаат сериозно, па поради таквите и често имаме изгубен час. Професорите, особено оние постарите немаат доволно обука, и се си носи свое. Ни фали дружењето.