Како да постапите ако сте каснати од куче скитник?

Секојдневно, во билтените на Министерството за внатрешни работи, се регистрирани по неколку каснувања од кучиња скитници. Граѓаните ги пријавуваат овие настани, често реагираат по социјалните мрежи за големата бројка на улични кучиња по улиците, во главниот град и во другите градови низ земјава, а состојбата навидум, како воопшто да не се менува. 

Што треба да сторите доколку ви се случи да бидете нападнати од куче скитник, кое ќе ви нанесе повреда? На оваа тема, советува д-р Тамара Ѓорѓевска, специјализант по пластична и реконструктивна хирургија. 

-Раните од каснување од куче настануваат со механичко дејство на забите врз кожата кое започнува како пробивање, а потоа и раскинување на кожата и меките ткива. Заради присуство на мешовита флора во устата на напаѓачот овие рани лесно се инфицираат. Лицата кои биле нападнати или каснати од куче треба да се јават во најбрз можен рок, во најблискиот хируршки центар за преглед и инструкции за натамошно лекување - вели д-р Тамара.

Првиот чекор од третманот подразбира првичен преглед од хирург, вели д-р Ѓорѓевска.

-Потребата од обработка или сутура на раната ја определува хирург по првичниот преглед. Чистењето и локалниот третман направени што е можно побргу, обезбедуваат најефикасна заштита од инфекција. Освен обработка, пациентот секако добива и упатства за натамошен третман и примање на соодветна антибиотска, антитетанична и антирабична терапија, во консултација со специјалист инфектолог. Исто така, во зависност од тежината на повредата предизвикана од каснувањето освен обработка, може да има потреба од оперативен третман и реконструкција во истиот момент или секундарно, во понатамошниот тек на лекувањето. Настрана од каснатината, секако не треба да се занемари и треба да се евалуираат и другите повреди кои се случиле при нападот од животното како контузии, хематоми, екскоријации и други повреди на телото кои се случиле при самоодбраната, бегањето или евентуалниот пад - советува д-р Тамара. 

Директорот на Центарот за управување со кризи, Стојанче Ангелов, неодамна објави дека се забележува благ тренд на зголемување на нападите од бездомни кучиња врз луѓе, па предложи интердисциплинарно решение и масовна стерилизација, а за агресивните кучиња кои нападнале човек, да се отстранат од улица и доколку никој не сака да ги вдоми, да бидат еутанизирани. 

-Јас лично се залагам бездомните (улични) кучиња да добијат хуман третман, да се заловат, потоа стерилизираат, прочистат, вакцинираат, означат и вдомат или вратат на местото на кое се заловени. Но, агресивните кучиња кои нападнале човек и за кои сертифицирано лице утврдило агресивно однесување треба да бидат отстранети од улица и доколку никој не сака да ги вдоми да бидат еутанизирани (убиени на хуман начин). Бидејки, ги сакам уличните кучиња, но повеќе ги сакам луѓето - истакна Ангелов.

Од „Анима Мунди“, пак, регираа во однос на изјавата на Ангелов за зголемениот број на напади од кучиња и нивната агресивност. Тие велат, дека нивните искуства докажуваат оти 95% од бездомните кучиња заловени во стационарите, се мирни, социјализирани, игриви и вдомливи. Потенцираат дека кучињата често се пријавуваат без доказ кој би го поврзал конкретното животно со нападот.

-Живееме во еден кородиран систем и во време на комплетен социјален крах, сиромаштија каде, во голема мера се користи секоја можност за стекнување финансиска корист особено во околности каде што лесно се лажира и обезбеди отштета од средствата на градот. Затоа е зголемена бројката пријави, затоа што исплатата од буџет, наспрема приватно тужење на сопственик е и те како поизвесна. Се извинуваме и искрено сочувствуваме со граѓаните кои навистина биле жртва на напад за ова тврдење, не ги ставаме никако сите во ист кош - но ова прашање мора итно да се третира, и секој случај поединечно темелно да се истражи, а институциите да сторат се од себе овој проблем да се стави под контрола:

1) преку најстроги забрани за напуштање, неконтролирано размножување и дефинирани одговорности, строги казни

2) наменат доволни средства за спроведување масовна и брза стерилизација на животните на улица - предлагаат од „Анима Мунди“.

Од таму тврдат, дека според нивното долгогодишно искуство на терен, најголемиот број напади се од сопственички животни кои слободно шетаат на јавни површини. 

-Анима Мунди со години предлага законски измени и укажува на важноста општините да обезбедат сигурни финансии за масовна стерилизација на животните, пари кои се влог за севкупна здравствена, безбедносна, комунална заштита и заштеда која ќе превенира напади и огромни економски загуби во иднина - заклучуваат од „Анима Мунди“.