ЈП „Комунална хигиена“ наскоро во нови простории

По 110 години постоење,  ЈП „Комунална хигиена“-Скопје трајно го решава статусот на своето седиште со тоа што ќе размени дел од деловните простории со административната зграда на компанијата „САНОС“. Се работи за административна зграда која е изградена во 1988 година, според сите градежни стандарди.

Директорот на ЈП „Комунална хигиена“ Ракип Дочи на денешната прес-конференција соопшти дека досега, неколку пати го менувале своето седиште.

-Благодарение на поддршка од Советот на Град Скопје, Град Скопје и Управниот одбор на ЈП „Комунална хигиена“, успеавме да дојдеме во финансиска кондиција, не само да ги финансираме тековните активности, туку и да набавуваме нова опрема и технологија во делот на управување отпад во Република Македонија, според сите стандарди кои ги налага ЕУ, рече Дочи.

Со оваа размена, како што рече, ЈП ќе добие подобри услови за работа на своите служби, кои работат на повеќе локации, подобра комуникација меѓу вработените, поголема контрола во работењето, помали транспортни трошоци… Потенцира дека најважно е што во тој дел се наоѓа и автобазата на претпријатието.

-Претпријатието разменува 1.336 метри квадратни административни простории со 5.394 метри квадратни административна зграда, која е во одлична кондиција. Се обезбедува паркинг простор на таа локација и земјиште, рече Дочи.

На новинарско прашање за доплатата, Дочи рече дека биле направени две проценки од Бирото за судски вештачења. – Разликата ќе се плати на 24 еднакви рати, без камата, без да се задолжи јавното претпријатие и без да се оптовари Град Скопје, рече Дочи.

За оваа одлука денеска треба да расправа Советот на Град Скопје.