Јанчев за „Белата чума“: Најголем раст на населението во Македонија има во периодот на мрачниот социјализам и тоталитаризам

„Белата чума“ на големо се шири во Македонија. Оваа констатација е аргументирана со анализата меѓу двата пописи во период од 2002 до 2021 година, чии податоци покажуваат дека бројот на младите луѓе во Македонија се намалил за дури шест проценти, имајќи предвид во 2002 година се регистрирани 480,828 млади на возраст од 15-29 години, додека за време на пописот во 2021, младата популација броеше само 326,733, што значи дека овој број се намалил за преку 150,000 жители. 

Во борбата за подобар живот, македонските градови се празнат, а дел од експертската јавноста е немоќна да понуди решение. Причините се јасни за отселувањето, а „чарето“ кое несомнено треба да го понудат политичарите никако да стигне. 

Саше Јанчев од Левица се огласи на темава. Ова е неговиот став: 

Споредбено помеѓу 2002 и 2021 по општини бројот на млади луѓе на возраст помеѓу 15 и 29 години е катастрофа.

Од 80 општини само во две има поголем број на млади, а само во една има ист број.

Во останатите 77 општини е лом. Разликата оди од 66% помалку млади до 9% помалку млади.

Се прашувам на што се должи тоа?

Дали е можеби на патриотските политики на ДПМНЕ?

Или пак на пронатовските, проевропските и прогресивни (еврофундаменталните) политики на СДС?

А можеби се должи на зелената агенда на ДУИ?

М?

Ако ги погледнете пописните резултати историски, ќе видите дека најголем раст на население во Македонија има во периодот од 1950 до 1991 година. Тоа е периодот на мрачниот социјализам и тоталитаризам. Во тој период населението пораснало за околу 700 000 луѓе. Од околу милион и триста илјади, на два милиона.

Сега во светлиот капитализам и демократија имаме бела чума.

Пак да чекате спас од капиталистички партии и да им верувате на патриотските, натоеврофундаментални и зелени приказни дур во меѓувреме го раскрчмуваат народниот имот за сметка на нивните новопечени олигарси, дур кастрат работнички права, испумпуваат државни пари преку тендери и пикаат партиски војници на државна работа.