Извадени над 80 килограми риба од малото езерце во Градски парк и пуштена во Лепенец

Поради празнење и чистење на малото езерце во Градски парк синоќа се извадени над 80 килограми риба и транспортирани до река Лепенец.

– Откако бевме известени дека малото езерце во парк ќе се празни и чисти, се собравме набрзинка и отидовме да ја спасиме преостанатата риба од езерцето. Успеавме да извадиме поголем дел од рибата, бојници, кленови, попадики, кострежи и по некое крапче и карашче. Ги натоваривме и иако Вардар ни беше на 200 метри, отидовме да ги пуштиме на Лепенец, сепак им должевме на риболовците од Лепенец едно порибување. Пуштивме отприлика 80 килограми риба, имаше и големи примероци и подмладок – изјавија за весникот ВЕЧЕР од рибарското друштво Рибар 2011.

Оттаму упатуваат благодарност до екипата од Лепенецки рибарски муабети за помошта при истоварот на рибата и секако до членовите на Рибар 2011 кои се собраа за многу кратко време и помогнаа да се спаси поголемиот дел од рибата во езерцето.