Изминатата недела регистрирани 48 новозаболени од грип

Изминатата недела (од 29 октомври до 4 ноември), во Република Македонија се регистрирани 48 новозаболени од грип, што е трипати повеќе споредено со предминатата седмица (од 22 октомври до 28 октомври) кога беа регистрирани 14 заболени лица, се наведува во извештајот што на својата веб страница денеска го објави Институтот за јавно здравје.

Од Институтот наведуваат дека во однос на истиот период минатата сезона кога биле регистрирани 130 случаи, се бележи намалување од 63,1 отсто на бројот на случаи.

Од 48-те заболени најголем број се пријавени од Скопје – 12, потоа следат Струмица – 10 и Тетово со осум случаи. Највисока инциденца се бележи во Подрачната единица Свети Николе – 24,4 на 100.000 жители, а најниска во Центарот за јавно здравје Скопје – 1,9 случаи на 100.000 жители.

Во однос на дистрибуцијата на заболените по возрасни групи, најголем број заболени се пријавени во возрасната група која опфаќа најголем дел од населението (од 15-64 години) – 27 случаи (56,3 отсто), а највисока инциденца (11,2 на 100.000 жители) се регистрира кај најмладите – децата на возраст до четири години каде вкупно се пријавени 13 заболени лица.

Во сезоната 2018/2019 вкупниот број заболени од грип и заболувања слични на грип изнесува 99, што е помалку за 60,9 отсто споредено со истиот период минатата година кога биле регистрирани 253 заболени лица.

Во текот на 44-та недела од 2018, во вирусолошката лабораторија на Институтот за јавно здравје пристигна еден материјал за тестирање на грип. Тестираниот материјал е негативен за присуство на вирусот на инфлуенца. Од почетокот на сезоната 2018/2019, во оваа лабораторија пристигнати се четири материјали од здравствените установи – од амбулантски и болнички лекувани пациенти од редовниот и од сентинел надзорот, сите тестирани негативни за присуство на вирусот на инфлуенца.

 

Од Институтот за јавно здравје посочуваат дека вакцинацијата против сезонски грип е најефикасна заштита од ова заболување, затоа препорачуваат вакцинација на целото население, со посебен акцент на лицата кои припаѓаат на т.н. ризични групи (согласно препораките на СЗО): бремени жени во било кој стадиум од бременоста, деца на возраст од шест месеци до пет години, постари лица на возраст од 65 години и повеќе, лицата со хронични медицински состојби – хронични заболувања, состојби на намален имунитет и здравствени работници.