Изложба на дигитални принтови во Музеј на град Скопје

Изложба на дигитални принтови од Кирил Василев насловена „Мостри на една случајност“ вечерќе биде отворена во Музејот на град Скопје.

„Мостри на една случајност“, вели авторот, бара одговор на прашањето во едно парче случајни податоци што го користи како образец кој според три правила: умножи, собери, повтори… прави правилни градби кои даваат впечаток на промисла и наликуваат на уметничко дело.

– Со сета своја безначајност, само-постоењето бара потврда во со-постоење и затоа сме сведоци на еден раскошен свет што го осознаваме откривајќи правила, наспроти неговата променлива природа. Сите движења и промени можат да имаат непредвидливи последици кои обично ги толкуваме како случајност и неред. Количеството случајност во делот на градбата што не може да се сведе на попрости честички, влијае на сложеноста на обликот. Уредувањето мора да биде според правила, бидејќи без нив би било како мајмуни да ги пишуваат собраните дела на Шекспир, вели Василев.

За денешниот светоглед, додава, постоењето е непредизвикан настан а животот зачнал случајно.