Изгледот на црквата „Св.Димитрија“ во старо Скопје

Во чест на денешниот празник, Св. Димитрија (Митровден), погледнете фотографија и историјат на црквата „Св.Димитрија“ од Скопје. 

Имено, објавата со фотографијата и историјатот е во Фејсбук групата „Стари скопјани“, објавена од членот Соња Блинков.

Во описот на фотографијата стои:

-Црквата Св. Димитрија е православен храм во Скопје, поранешна катедрална црква на Скопската епархија, посветен на великомаченик Димитрија. На нејзиното место имало стар храм, кој постоел уште од 16 век. Во 1727 година „Св. Димитар“ се споменува како катедрална црква.

Таа се наоѓа во близината на Камениот мост, на левата страна на реката Вардар, во Еврејското маало. Црквата е многу стара. Во 1690 год. била напуштена, а од 1886 до 1894 година црквата била обновена и проширена. Црквата била изградена во форма на кораб. За време на поправките кои биле изведени на црквата бил уништен и стариот живопис и сите важни записи за црквата. Според пишани податоци се знае дека црквата постоела уште во средниот век, во некои периоди била катедрала и дека во неа била сместена Скопската Митрополија и Митрополијата на Пеќката Патријаршија. Во дворот на оваа црква сè до 1878 година постоеле и гробишта. Во периодот меѓу двете светски војни постоеле надгробни плочи и остатоци на некогашен гроб. Реони на црквата “Свети Димитрија” биле Дебар маало, Железничка колонија, Тафталиџе и градскиот реон.

Црквата Св. Димитрија е тробродна црква со апсида и купола. Низ историјата на нејзиното повеќевековно постоење, црквата неколку пати е реновирана: во 1835 година и во 1864 година, во 1886 и во 1894 година, а во 1896 година е проширена и го добила денешниот изглед од познатиот велешки мајстор Даме, син на Андреа Дамјанов. Новиот живопис, иконописот на дрвениот иконостас и царските двери ги изработил познатиот зограф Димитар Папрадишки.. Во 1907/8година е изградена нејзината камбанарија.

По катастрофалниот земјотрес од 1963 година, зографисувањето го извршил зографот Крсте Колоски во периодот од 1963 до 1973 година. Стилските и уметничките вредности на зографската реализација во храмот се со скромен дострел. Зографот, во рамките на своите можности, се трудел во однос на сликарската постапка да ја следи поствизантиската традиција на живописувањето.

Скопската епархија, по укинувањето на Охридската архиепископија во 1767 година, се нашла под директна јурисдикција на грчката Цариградска патријаршија. Во Скопје епархиските архиереи главно биле од грчко потекло, но, сепак, хеленизмот имал слаби позиции. Седиштето на Скопската митрополија се наоѓало во црквата Св. Димитрија. Скопската епархија по 1872 година се нашла во границите на Бугарската егзархија. Дејствувањето на Патријаршијата и на Егзархијата во градот довела до подвоеност на македонските верници и до црковни борби во градот во 1890 кои траеле до1897 година. Во 1890 година во Скопје доаѓа новоназначениот егзархиски митрополит Теодосиј Гологанов од македонско потекло. Тој ги употребил сите свои сили да го обедини македонскиот народ и повел борба против грчката, српската и бугарската пропаганда, а дури бил подготвен да прифати и унијатство со Ватикан, со цел да ја обнови Охридската архиепископија. Бугарската егзархија насила го одвела во Цариград во 1892 година кога му бил одземен чинот митрополит Скопски.

Св. Димитрија е еден од ретките објекти кој го избегнал палежот на Пиколомини на 25 октомври1689. Во неговата припрата се наоѓа гробот на првиот поглавар на обновената автокефална Македонска православна црква, Архиепископот Охридски и Македонски г.г. Доситеј, а пред неговиот надворешен источен ѕид гробот на Архиепископот Охридски и Македонски г.г. Ангелариј. Над влезот на северната страна на црквата стои натпис на отворен свиток меѓу ангелски крилја од кој стои:

„ВО ЧЕСТ НА СВЕТИ ВЕЛИКОМАЧЕНИК ДИМИТРИЈ НА ОВА МЕСТО УШТЕ ВО 16 ВЕК ПО РОЖДЕСТВО ХРИСТОВО БИЛ ПОДИГНАТ ХРАМ А ОВОЈ Е ИЗГРАДЕН И ОСВЕТЕН ВО 1896 ГОДИНА, СО ИЗРАБОТКА НА ИКОНОСТАС ОД ЗОГРАФОТ ДИМИТРИЈА АНДОНОВ ПАПРАДИШКИ” - се вели во објавата во групата.

За многу години!