Изгледаме исто, а толку сме различни...

Изгледаме исто, а толку сме различни. Она што некому може да му го скрши срцето, некого не го ни допира. Тоа е чудно.

Сите однадвор сме слични, а одвнатре... како да не сме ист вид. 

Толку се разликуваме по нивото на перцепција, поимање на светот, животните вредности и приоритети... Додека едните безглаво трчаат по кариерата, на другите семејството им е сè во животот. Додека едните се посветуваат на духовното, други се топат на материјалното. А ниту една крајност не е добра. 

И колку и да гледаме примери дека различноста од една страна нè збогатува, од друга страна не можеме да се начудиме колку нè раздвојува. И колку можеме да разговараме на ист јазик, а воопшто да не се разбереме. Да се обидеме да градиме живот со некого, а имаме различни животни приоритети. Да правиме едно, а да мислиме друго. Некогаш несвесно, а многу често пресметано и свесно. 

Како да не сме исти суштества. Како да не нè води иста нишка. Како да сме ја изгубиле по нашиот пат. Или можеби сме се изгубиле самите. Затоа што како е можно свесно да повредиме друго суштество? Како е возможно да не се ставиме во неговата улога и да не се обидеме да замислиме како некои постапки можат да болат? Како е возможно барем да не се обидеме да разбереме? Како? Ако сите сме луѓе и ако би требало да бидеме хумани?

Затоа што што и да правиме, начинот е тој што ја прави сета разлика. Истата работа може да биде кажана и направена на различни начини. Вистината не мора да боли. И не мора да биде брутална. Може да биде само Чиста. Онаква каква што е. И секогаш можеме да го избереме поквалитетниот начин, понежниот пат во односите со некого, да останеме свои, а да не го повредиме. Или барем да се обидеме да не биде тоа така. Тоа е вештина која се учи.

Иако понекогаш другата страна секако нема да може да разбере. И ќе делува како да зборуваме во празно, а зборовите нема да ја допрат целта. Нема да нè разберат. Не затоа што не сакаат, некогаш е затоа што не можат. Тоа се различни перцепции. Различна свест. И не се лутете. Прифате го тоа. Сетете се дека само изгледаме исто. А одвнатре сме толку различни. Не подобри или полоши, едноставно различни. И не се плашете да ги барате сличните на себе. Оние кои ќе ве разберат. Затоа што и тие ве бараат вас.

А останатите оставете ги да одат по својот пат и да ја бараат својата среќа. Прегрнете ги со срцето, ако не можете со рацете. Посакајте им сè најдобро.

Мир, љубов и радост. И да ја пронајдат нишката која ја изгубиле.

~ Ива Брадариќ