Изборен молк - гласаат болни, изнемоштени, затвореници, позитивни на коронавирус...

Заврши изборната кампања во која партиите и коалициите ја претставуваа својата понуда пред граѓаните, и на полноќ почна молкот пред неделниот втор круг од Локалните избори.

Правилата за изборен молк важат од 30 октомври, заклучно со 19:00 часот на 31 октомври. Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги соопшти дека за време на молкот, медиумите продолжуваат да известуваат за изборниот процес, но престануваат сите облици на изборно медиумско претставување, на учесниците во изборната кампања.

Денеска гласаат болните и изнемоштените, како и граѓаните кои се во изолација поради заболување од ковид-19, како и поради контакт со заболен од вирусот.

Кај оние кои се во изолација, гласањето ќе го спроведуваат посебни тимови формирани од медицински лица, а кај болните и изнемоштените ќе доаѓаат претставници од избирачките избори. Денеска гласаат и лицата кои издржуваат казна затвор или се во притвор, ( запишани се вкупно 1.409 избирачи), 266 лице кои се сместени во установи за вонсемејно сместување, како и шест граѓани кои имаат статус на раселени лица.  

Во вториот круг на овие локални избори, право на глас имаат 1.353.990 граѓани, а утре ќе бидат отворени точно 2.481 избирачки места.

Освен за градоначалник на Скопје, од скопските општини ќе се гласа и во Општината Центар и во Општината Карпош.