Истрага против скопјанец: Сакал да краде во објект на армијата

Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје донесе Наредба за спроведување истражна постапка против 23-годишен скопјанец осомничен за обид за – Тешка кражба согласно член 236 став 4 во врска со став 1 точка 1 од Кривичниот законик.

Како што соопштија од Јавното обвинителство, на 14 мај во атарот на селото Ќојлија, скопско провалил во издвоен објект на Армијата на Република Македонија, од каде се обидел да одземе туѓи предмети од посебно значење за сигурноста на луѓето и имотот.

-Со клешта за арматура ја исекол жичeната ограда и специјалната бодликава жица, влегол во кругот на објектот Дренов Дол во кој се чувало оружје и друга воена опрема. Осомничениот насилно ја отворил вратата, но во тој момент бил спречен од професионален војник кој го затекнал, се вели во соопштението.

Обвинителството достави предлог за определување мерка притвор за осомниченото лице поради опасност од бегство, можност да влијае врз сведоците или да го повтори делото.