Исполнет капацитетот на кампот „Кирил Лазаров 7“

Повеќе од 300 деца од Македонија, БиХ, Хрватска, Данска, Романија, Словенија, Црна Гора, Шведска и од Шпанија, ќе бидат дел од третиот ракометен камп „Кирил Лазаров 7“. 

На тој начин, капацитетот е исполнет, со што пријавувањето е завршено, на 20 дена до почеток на кампот. Децата на возраст од седум до 18 години, се поделени во две смени.

- Квалитетот го иницира кванитетот, добрата организација и реализација се основа за довербата која децата и нивните родители ја имаат во овој проект. Таа е наш мотив и водечка нишка. Од друга страна, предизвик е да се учи од капитенот Кирил Лазаров и од неговиот тренерски тим. Професионалната поставеност, начинот на кој го пренесуваат своето искуство, непосредниот контакт со секое дете за време на тренинзите, но и надвор од нив, ги враќа децата секоја година, но раѓа желба и кај нови учесници - соопштија организаторите на кампот.

За учесниците ќе има содржини за едукација преку забава, покрај задолжителните тренинзи претпладне и попладне, прилагодени според возраста на децата.