Исклучување микрофони и драма на седницата на Советот на Град Скопје

Кавга меѓу градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска со претседателот на Советот на Град Скопје, Трајко Славевски, се одвиваше денес на седницата на Советот. 

Таа го нарече „Талат Славевски“, а веднаш по тоа, Славевски ја прекина седницата. 

Се расправаа во однос на точката за вработување за 2023 во ЈП „Водовод и канализација“. 

Советниците на ВМРО-ДПМНЕ ја прашаа Арсовска како тоа сега во планот за вработување за наредната година планира 120 вработувања, а велеше дека има превработеност и пред неколку дена отпушти 100 лица од претпријатието. Арсовска врати со прашање: Како тоа никој од нив не прашувал и не зборел од говорницата кога нивниот сега разрешен директор Златко Перински вработил над 100 партиси кадри, кои како што кажа, ги собирал од месни комитети на ВМРО-ДПМНЕ.

Советникот од ВМРО-ДПМНЕ Стефан Андоновски и рече на Арсовска дека секој ден треба да се моли пред слика од Христијан Мицкоски оти да не бил тој немало никогаш да стане градоначалничка, а не сега да ја критикува партијата.

Потоа Арсовска од говорницата уште еднаш го нарече Мицкоски шпицен градоначалник и рече дека се крие.

„Немојте да лажате. Секаде каде стигнете јавно истакнувате невреди. Не сме на дебата тука, кога ќе бидеме ќе разговараме. Бега од дебата шпицниот градоначалник, се крие Христијан Мицкоски, имаше можност да се појави на пет дебати, но се крие, се плаши“, рече Арсовска, по што Славевски ја прекина со објаснување дека не смее да споменува имиња на лица кои не се присутни на седницата.

По ова, Арсовска го нарече „господине Талат Славески“, по што тој ѝ го исклучи микрофонот, давајќи образложение дека бил навреден. Арсовска му врати дека нема право да ѝ одзема збор, по што Славески ја прекина седницата и даде половина час пауза.