Професорка која „блеска“! Каква што би посакал секој родител за својот средношколец, секој ученик за себе! Затоа што инспирира, затоа што говори гласно за она што не чини во денешното општество, затоа што „резонира“ вонвременски, и најмногу затоа што со љубов и посебна сила бори да биде подобро! Затоа што истовремено е и пријателка и пример и авторитет!
Татјана Алексиќ, професорката по македонски јазик и литература во скопската гимназија „Раде Јовчевски-Корчагин“ во интервју за СкопјеИнфо отворено зборува за актуелната настава, за моралниот компас на младите и улогата на професорите, за љубовта кон книгите, но и за Скопје каде живее и работи!
Каква е атмосферата во вашето училиште во однос на зачестените дојави за бомби? Колку ова, по он-лајн наставата во пандемијата, ќе влијае на учениците? Колку е тешко да се остане фокусиран на наставата во вакви услови?
Жив човек на сѐ се навикнува. Во немоќ, ги прифаќа наметнатите абнормални ситуации како нормалност. Ритуално се повторуваат нештата и им се навикнуваш. Дојава, евакуација, проверка, враќање во училиште. И тоа само во смените за трета и четврта година. Новата нормалност почна со пандемијата и за жал сѐ уште трае. Учениците се адаптираа на он-лајн наставата за време на карантинските дни, но не секој можеше да извлече бенефит и квалитетно знаење, без оглед на (не)подготвеноста на наставниот кадар. Воспитниот процес и социјалната комуникација во живо беа запоставени. Заклучивме дека електронската настава беше нужна алтернатива за да се одржи континуитет во наставните содржини и да се спречи ширење на пандемијата, но исто така дека ништо не може да ја замени наставата во училница каде се гледаш со сите ученици подеднакво, имаш услови за интеракција, разговори, разјаснување на нејаснотии и комплетен воспитно-образовен процес. Пропустите и ,,дупките” во знаењето сѐ уште се санираат од он-лајн импровизираната настава, а згора на тоа ни дојде дополнителен товар со губењето часови поради секојдневните дојави за бомби, за среќа сѐ уште лажни.
Континуитетот за учење губи ритам, напнатоста расте со приближувањето на матурските испити, закажани за 27 мај по предметот македонски јазик... Родителите се исто така вознемирени и со право, свесни дека децата не може сами да си ги надоместат часовите. Колегите кои предаваат во трета и четврта година индивидуално се организираат за дополнителна настава меѓу смените, но често и во тоа време стасуваат дојави за бомба. И тоа никогаш не може да биде комплетен час како на редовна настава, зашто не се сите деца одговорни за да доаѓаат на тие часови, а и немаат време преоптоварени со дополнителни активности, натпревари по сите предмети, учества во многубројни секции и вонучилишни активности. Фокусот кон учењето е пореметен, долги 6 месеци се губат драгоцени часови, а изгубеното тешко се надоместува комплетно.
Сепак, најбитно е да не го изгубат здравјето и нервите, но тегобноста на стравот не секој ги преживува исто, има деца кои емотивно страдаат.
Имате долгогодишно искуство во образованието. Можеби е тешко да се направи прецизна паралела бидејќи околностите се променети, но дали може да ни кажете какви беа генерациите пред деценија-две, па денес. Еве на пример во „Орце Николов“?
Беа поинакви, впрочем како и условите. Знам често на шега да кажам дека еден од знаците за стареење е кога ја почнуваш реченицата „во мое време” и завршуваш со заклучок дека денешнава младина не е добра. Не е добра, одлична е, ако си признаеме дека им оставивме хаотично општество во кое се снаоѓаат како умеат и знаат, а најчесто си заминуваат. Ние си ги избркавме децата, умните луѓе кои не успеваат да се прилагодат во дисфункционална држава. Не е фер да ја обвинуваме младината која ние ја воспитувавме. Ги разгаливме, ги „штедевме” од одговорности и физичка работа, им наметнавме материјалистички императив дека вредиш онолку колку што имаш. Децата се изгубија во џунглата на новите технички достигнувања, заборавија да се играат во природа и да комуницираат.
Основата за здраво воспитување е контакт со природата и социјализација. Поинаков беше животот, сентиментот, сфаќањата, традиционалните обичаи, културата, но суштината е иста – човекот се прилагодува на новите услови и ги прифаќа. Не можеш да живееш како Амишите ако не си со нив.
Носталгијата и повикот на младоста знае да нѐ залаже дека нам ни било поубаво. Да, било поубаво оти младоста е убава...Баба ми многу ми се лутеше за искинатите фармерки и скришно ми ги крпела малите скинатици. Сега да види дека од „скинатиците” излегува цела нога ќе ги фрлеше во ѓубре. Сѐ во свое време.
Колку како педагог ви пречи прекумерната употреба на смарт-технологијата кај учениците? Толерирате ли на часовите? Смарт технологијата е иднината против која не се може и не треба, оти ќе заличиме на Дон Кихот кој се бори против ветерници и измислени непријатели. Но, кога ќе се изгуби контрола за времето кое младите го поминуваат на електронските помагала каде е достапно буквално сѐ, не можеш да си ноншалантен и да не им предочиш дека одат во погрешна насока. Најчесто ја користам за тестови, гуглање информации но знам и да им пуштам филмови соодветни за прочитаното дело, како на пример Троја кога се работи Илијада, Гуливеровите патувања, Евгениј Онегин, Македонска крвава свадба, Црно семе, Големата вода, Диво месо, Огнени јазици и многу други филмски и театарски изведби. Има многу добри страни во информатичко-комуникациската технологија, но во погрешни раце и златото станува зло. ФЗО беше хакнато со денови!
Не еднаш се случило да се пробијат електронски дневници и поправаат оценки! Манипулациите со дојава на бомби е грдата страна на технологијата, а да не зборувам за тик-ток предизвиците и разни бруталности, сајбер секс, сексуална злоупотреба на малолетници каков што беше случајот со Јавна соба. И секогаш, буквално секогаш жртви се децата.
Ќе се надоврзам на претходното прашање, каде тука е навиката за читање? Колку читаат младите? Дали можеби преферираат е-книги?
Се одвикнуваат од читање, губат концентрација поради флеш информации накитени со бои и звуци. Кој да чита ситни црни букви на бела хартија покрај толку емотикони, сториња, гифови, трачеви, реклами и слични пикантерии на жолтиот печат. Оро вијат инфлуенсерите, почитани се и од Достоевски! Кој да ги чита Харуки Мураками или Ноа Херари кога вниманието им го одземаат светлечки портали со две прости реченици или фотошоп фотки!
Имате ли метод да натерате средношколец кој во досегашното образование не прочитал ниту една лектира, туку се снаоѓал од Интернет, да го натерате да прочита барем една книга и која би му ја препорачале?
Имам и постојано се борам! Во идејата и текстот на новиот мјузикл, кој ќе го поставиме на сцената на МНТ на 8 април во хуманитарни цели за наш Марко, има спомнато преку 27 светски и домашни дела и автори. Најубавиот момент е што бившите Корчагиновци дојдоа да помагаат и да ги спремаат членовите на драмската секција во актерскиот, танчерскиот и техничкиот дел... Во сите претходни мјузикли имам користено светска литература.
Кога предавав во СУГС ,,Димитар Влахов”, мојата прва училишна љубов, често правев модни перформанси со талентираните ученици и знаев да ги „уценувам” дека ќе учествуваат ако ја прочитаат Ана Каренина. Сега и тој роман на Толстој е тргнат од наставната содржина, но јас им го спомнувам делото, а кога се има време го гледаме и филмот со Софи Мерсо како Каренина. Ете го бенефитот од технологијата, не мора во кино, можеш и во училница да изгледаш филм. Секако, без пуканки.
Покрај формалното образование Вие сте пример за младите и со други активности. Колку сметате дека еден професор треба да биде комплетен пример за младите, а не само да го предаде материјалот на час? Зборувате ли со учениците на пошироки теми? Кој е првиот совет кој им го давате директно или индиректно?
Она што еден професор треба да има во себе е љубов кон децата и работата со нив. Сѐ друго е ирелевантно. Ако има љубов ќе има моќ да им го пренесе знаењето и вештините. Темите сами по себе се прошируваат додека сум во училница или во свечена сала каде се играме актери и танчери. Јас можам само за себе да кажам дека неизмерно си ја сакам работата, студирав компаративна книжевност за да бидам учителка, положив методологија со десетка, а не бев баш некој студент со висок просек, едвај осмица. Со мерак се подготвував за тој испит за да им предавам тогаш на Каревци. Ништо поубаво од работење професионална работа со мерак. Мислам дека и децата ми ја чувствуваат љубовта кон професијата, но би било неблагодарно сама да констатирам, треба нив да ги прашате.
Живеете и работите во Скопје? Што ви пречи , а на што сте особено горди во овој град? Кои ви се омилени места?
Ја сакам енергијата на Скопје со која ги издржува силувањата на своите жители, од урбаната мафија, архитектонски акробации, загадувачи на воздух, истурачи на фекалии, сеачи на магла и егзибиционизам... Ги сакам липите на Партизанска, кањонот на Матка, брзаците на Треска, патките што пловат во Вардар, небото над Водно, калдрмата во Чаршија, бозата во Апче, шаренилото од луѓе со различни религии и култури... Само некултурата и непочитувањето на градот многу ми пречат. Омилени ми се сите катчиња и ќошиња на Скопје, дури и овие новокомпонираните ги засакав, тука се, во Скопје никнаа и мора да ги чуваме... Скопје е нашата пренаселена убавица, јавната од сите!