Инцидент на градилиште во Аеродром: Тргнете ги возилата, ќе ве фрлиме во контејнер (видео)

Во населбата Реонски центар-Аеродром утрово околу 10:30 часот се случил инцидент кога работници со градежна механизација им рекле на околните жители да ги тргнат возилата од паркингот за да влезат на местото каде што требале да почнат со подготовки за градба.

Извесна госпоѓа која одбила да се препаркира била вербално нападната од еден од работниците, кој ѝ рекол дека ако не се тргне ќе ја фрли во контејнер. Расправијата продолжила со уште една група насобрани граѓани кои биле револтирани од присилното однесување на работниците. По пристигнувањето на екипата на „Макфакс“, на местото стигна и полициско возило што го повикале жителите. 

Тие пред пет недели алармирале до општината Аеродром да се преиспита одлуката за градба на ова место. Сметаат дека ќе се наруши и така тесниот урбанистички простор меѓу околните згради и предлагаат на тоа место да се направи или детски парк или да се обезбедат уште паркинг-места. 

На нивните барања не добиле одговор од надлежните во Општината Аеродром и денеска без да биде обезбеден теренот за отпочнување со градба и без да бидат информирани, пристигнала градежната механизација. 

Полицискиот службеник кој направи увид им наложи на градежниците да ја повлечат механизацијата и да ги санираат штетите на тротоарот, а со градбата можат да почнат откако ќе приложат потребна дозвола од Град Скопје за обезбедување на теренот и ќе ги информираат граѓаните за времената узурпација на околниот простор. 

Жителите на оваа населба подолго време негодуваат поради хаосот што е настанат со континуирана изградба на згради. Се жалат дека нема доволно зелени површини иако оваа населба е рекордер по загаденост на воздухот. Исто така велат дека неконтролираното населување прави проблем со паркинг-местата и дека улиците се преплавени со возила и се оневозможува движењето.