Илјада матуранти заиграа кадрил на плоштадот Македонија (ГАЛЕРИЈА)

На плоштадот Македонија напладне се одржа традиционалната манифестација „Матурска парада 2018“, а најмалку 1.000 матуранти точно во 12 часот го заиграат танцот кадрил.

„Нè радува што една манифестација која започна како интересна и благодорна идеја прерасна во традиција. Пред нас е 11. издание на манифестацијата ‘Матурска парада’ во која очекуваме да се вклучат над 1.000 матуранти од повеќе средни училишта од Скопје, како и матуранти од Струга, Охрид, Струмица и од Гевгелија. Заедно со матурантите од Скопје и од другите градови од земјава, в петок во исто време кадрил ќе заиграат и матурантите од 10 европски држави. Нè радува што сме организатори на овој настан, кој верувам дека останува длабоко врежан во сеќавањето на секој матурант. Им се заблагодарувам на поддршката на Град Скопје и на Делегацијата на Европската Унија во нашата земја“, вели Никола Глигоров од Дирекцијата за култура и уметност.

Тодор Миладинов од танцовиот клуб „Ритам плус“ изјави дека со задоволство и успешно ја завршиле обуката на матурантите, која почнала од почетокот на второто полугодие и дека тие со задоволство научиле да танцуваат и салса.

Како и изминатите години, учесниците на парадата – матурантите пред одигрувањето на танцот положија заклетва за ненасилство заедно со своите врсници од сите држави учесници во овој настан. 

Парадата на матурантите почна да се организира во 2001 година во Љубљана, а во Македонија првпат се одржа во 2007 година во Скопје и во Охрид во организација на Дирекцијата за култура и уметност на Скопје и танцовиот спортски клуб „Ритам плус“ од Скопје.