Грандиозниот објект на филхармонијата ќе се отвора со ексклузивен концерт

Новиот објект на Македонската филхармонија, ќе биде отворен в недела во 19 часот со ексклузивен концерт на Филхармонијата со која како солист ќе настапи нашиот светски етаблиран пијанист Симон Трпчески.

Македонската филхармонија, која е најстара институција од областа на музичко-сценската дејност во земајва, новиот објект го добива по 73 години од постоењето. Тој е со модерен изглед и архитектонски и акустични карактеристики според сите светски стандарди

Концертот ќе биде под диригентско водство на еден од најпрестижните и најбараните диригенти на сите времиња, маестро Владимир Ашкенази од Русија. Ќе бидат изведени дела од Трајко Прокопиев - суита бр. 2 од балетот "Лабин и Дојрана", Сергеј Прокофјев - концерт за клавир и оркестар бр. 3 во C-dur, оп. 26 и од Петар Илич Чајковски - симфонија бр. 5 во e-moll оп. 64.

Министерката за култура Елизабета Канческа - Милевска денеска на прес-конференција рече дека во овој објект, многу е вложено, посветеност и труд, и како Министерство за култура и како тим кој работел на изградбата на објектот. Салата се со најврвна акустика и Канческа - Милевска е убедена објектот ќе даде можност за подобрување на условите за работа на уметниците, за присуство на голем број светски имиња, диригенти, филхармонии...

Светски познатиот диригент Акшенази рече дека е импресиониран од концертната сала која има добра акустика.

Трпчески истакна дека е почестен што е поканет да настапи на отворањето на новата концертна сала и што ќе има можност повторно да соработува со маестро. 

Новиот објект на Македонската филхармонија се протега на површина од 12.400 метри квадратни. Располага со две сали, голема сала со капацитет 1.000 места и мала, повеќенаменска сала со капацитет од 310 места од кои 168 се фиксни седишта, 110 се телескопски и 32 се мобилни седишта.

Големата сала располага со најсовремени сценско технолошки системи што објектот го позиционираат во врвот на објектите од овој тип.. Во составот на големата сала е содржано и студио со режија, опремено со комплетна, современа аудио и видео техника која ќе се користи за продукција и снимање на музичките настани. Објектот поседува и кафетерија, музичка продавница и паркиралиште за вработените. Во целиот процес на градбата на објектот се испочитувани сите програмски цели и барања на вработените во Филхармонијата.