Граѓанскиот кандидат Стево Пендаровски се финансира од партиската сметка на СДСМ

Граѓанскиот кандидат за претседател Стево Пендаровски како што и тој самиот неколку пати посочуваше кампањата ја финансира директно од редовната сметка на СДСМ, пренесува Радио Слободна Европа. Она што може да се забележи од досегашниот тек на кампањата само Пендаровски и Бујар Османи досега не ја исполниле во целост законската обврска да достават информации примени донации во првите десет дена од изборната кампања.

Тие доставиле финансиските извештаи до Државната изборна комисија, ама празни, без ниту еден податок во нив освен печат и потпис на овластените лица во кампањата како и бројот на трансакциските сметка во банка за изборната кампања.

„Износите на средствата префрлени во првите десет дена ќе бидат прикажани во вкупниот финансиски извештај согласно член 85 од изборниот закон“, се вели во одговорот изборниот штаб на Пендаровски.

Според Изборниот законик, претседателските кандидати се обврзани да поднесат три финансиски извештаи до ДИК и тоа првиот на 11 ден од кампања, вториот на 20 ден од кампањата, а третиот вкупен извештај треба да го достават по изборите.

„Предвидено е дека тие се поднесуваат на образец што го пропишал министерот за финансии, а во кој има податоци за име односно назив на донаторот, вид и вредност на донациите, датумот на добивање донации и расходите за секоја донација и приходи и расходи за време на изборната кампања, како и податоци за донации примени од трето лице“, се вели во Изборниот законик.

Претседателските и парламентарните избори ќе ја чинат државата вкупно 17 милиони евра. Оваа сума ги опфаќа трошоците за изборните органи, за потребните материјали, за гласањето на дијаспората и за други потреби за двата круга претседателски и за парламентарните избори.