Граѓаните да го почитуваат времето за фрлање ѓубре во контејнерите

Собирањето на комунален отпад од подрачјето на градот Скопје се врши од контејнери со зафатнина од 1100 литри, подземни контејнери  со зафатнина од 3000 литри, контејнери со зафатнина од 5000 литри и пластични канти со зафатнина од 120 литри.

Од ЈП,,Комунална хигиена,, посочуваат дека чистењето на контејнерите се врши еднаш дневно по претходно утврден план, па според тоа треба и граѓаните да го почитуваат времето кога да го фрлаат ѓубрето во контејнерите за тоа да не останува до следниот ден.

Од ЈП,,Комунална хигиена,, велат дека на самите контејнери има налепници на кои е наведено во кој период граѓаните треба да го фрлаат ѓубрето, а после половина или еден час од времето предвидено за одлагање на отпадот поминува возило на Комунална хигиена и ги празни контејнерите. Оттаму апелираат граѓаните да го почитуваат периодот предвиден за одлагање на отпадот, се со цел да нема појава на преполни контејнери или растурено ѓубре од кучињата и мачките.  Според досегашната пракса, граѓаните и не го почитуваат многу терминот во кој треба да го исфрлат комуналниот отпад.

Освен комуналниот отпад, граѓаните често пати и покрај можноста за бесплатно одлагање на кабаст отпад во рециклажните центри, знаат некој стар мебел да го остават до контејнерите, велат од ЈП ,,Комунална хигиена,,. Одлагањето кабаст отпад е бесплатно долоклу се донесе со сопствен превоз до центрите за селекција.

За транспорт на кабастиот отпад може да се користат и возилата и работниците на Комунална хигиена или пак само возило. Оваа услуга граѓаните може да ја добијат во договор со претпријатието и со извршена наплата за услугата. Па така доколку граѓанинот сака кабастиот отпад да биде земен од неговиот дом со возило од Комунална хигиена и при тоа да биде утоварен и истоварен од страна на двајца работници од претпријатието за една тура тоа ќе чини 1733 денари со вклучен ДДВ, а доколку пак граѓаните сами го товараат кабастиот отпад а имаат потреба само од возило на Комунална за оваа услуга ќе треба да платат 893 денари.