Граѓанин минал низ голгота - откри неправилност со изнајмувањето на тротинет која може да ве чини скапо

Проектот за изнајмување на електрични тротинети во Скопје требаше да им помогне на граѓаните за полесен транспорт низ главниот град, но граѓаните веќе почнаа да се жалат од новите возила.

По фотографиите од уништени електрични тротинети, еден скопјанец сподели низ каква голгота морал да помине за да ја прекине наплатата по користењето на возилото.

-Со постов сакам да ви го свртам вниманието и да ви споделам едно горко искуство од синоќа со BinBin градскиве тротинети. Синоќа ќерка ми изнајмила тротинет. Го активираш тротинетот односно сесијата, го возиш тротинетот, застануваш, го сликаш каде е, апликацијата го лоцира кодот од тротинетот, ја завршуваш сесијата со копчето „End Ride“ и готово. Е ама не е готово. Копчето „End Ride“ повторно се враќа за кратко време во функција. Сесијата као завршува, барем таков впечаток добиваш но броењето на пари во позадина не завршува. Се појавува функционален „bug“ во апликацијата кој истата не ја застанува и не ја регистрира сесијата на сервер туку само за момент во самата апликација.

На сервер си работи. Ти кажува дека се' е во ред, тротинетот е заклучен, повторно го става во mode да стиснеш „отклучи“ ако сакаш пак да го активираш, а во позадина апликацијата си работи и си брои пари. Можеш да приметиш на главниот екран од акаунтот дека брои време како да е сеуште букиран тротинетот, а со тоа и дека ти брои средства. Сакаш повторно да го сликаш тротинетот и да стиснеш „End Ride“ за да ја завршиш сесијата. Не ти дозволува да го направиш тоа. Залудно се трудиш. Не е битно дали ставаш средства претходно во „Wallet“ или плаќаш веднаш цел износ со комплетно префрлање средства на крајот од возењето. Таа секако си брои.

Не можеш да платиш. Сесијата си трае. Не запира. Нема како да ја запреш преку апликацијата. И во „паричникот“ кога ќе ги надмине средствата не застанува. Сè уште брои време и средства. Да платиш не можеш, сесијата не можеш да ја сопреш иако претходно си активирал End Ride за да ја завршиш услугата. Е сега да не се сфатиме погрешно. Пишувам за нашиов случај од синоќа. Не за секој друг случај. Значи апликацијата си брои без оглед на се'. Ако не забележиш дека по заклучувањето на апликацијата и заклучениот тротинет апликацијата си брои во позадина отидоа куп пари. Нема како да го прекинеш броењето бидејќи според апликацијата тротинетот е веќе во мирување и е заклучен. Не можеш два пати да го заклучиш. Толку. Ама пари и понатаму си брои. Треба да се бркаш со центарот за помош кој е онлајн со допишување цела вечер за да успееш да го прекинеш броењето.

Допишувањето е стриктно на англиски јазик (сепак некои луѓе не знаат англиски) или на турски јазик (BinBin е турска фирма). Во меѓувреме апликацијата си брои пари. Не е важно што тротинетот си го заклучил и оставил, а во меѓувреме можеби друг го превземал. Ти се мачиш со апликацијата, кај тебе стои активен кодот и иако го гледаш како заклучен, веќе некој друг може да го изнајми и да си го вози што всушност синоќа и се случи. Тебе важно сеуште ти брои пари односно апликацијата бидејќи има активна сесија која не можеш да ја прекинеш истата симулира дека го возиш.

Полиција не може да ти помогне (и тоа го пробавме) бидејќи немаат никаков контакт со тоа. Реално се сложувам дека не е во нивна надлежност ниту пак се запознаени со некаква процедура врзана за ова. Воопшто не ги обвинувам. Беа максимално културни но едноставно не можеа да ни помогнат. Сакам да кажам ти нема помош. Физички немаш каде да се обратиш. Само губиш време ако стоиш.

Апликацијата продолжува да си брои пари. Истата има активен „bug“ кој си работи во позадина и му генерира податоци на серверот дека ти сеуште активно си го возиш тротинетот. И додека ти се бркаш со Help центарот тоа си брои пари, нема како да си ги вратиш парите или да го поништиш екстра направениот долг во меѓувреме додека се бркаш со Help центарот. Сè е онлајн, физичко лице нема со кое можеш да контактираш, поддршката е online и најверојатно не е ниту во Македонија (не тврдам). Незаштитени ти се средствата комплетно. Нема каде да се пожалиш. Не постои ништо. Сигурно постои некое физичко лице кое се регистрирало како правно лице во државава за да ја извршува наведената услуга и толку.

Ги поставил тротинетите по градов и започнал со дејноста. Само тоа е најверојатно физичкиот дел од работава. Сè е друго онлајн и практично физички не постои и си немоќен ништо да направиш. Ајде да направиме една брза калкулација. Замислете вашето дете еднаш во 10 дена решило со вашата картичка која сте му ја дале да плати за возењето со изнајмен електричен тротинет. Завршува со возењето, слика, праќа и готово. Се' е во ред. Навидум. Јас не велам дека тоа е секојдневно.

Тоа се функционални „bug“-ови во една апликација кои не мора да се појават секогаш (грешки при изработка на софтверот кои се појавуваат во текот на неговото користење и нарушуваат употреба на одредени негови функции). Може речиси никогаш да не се појават, но може во еден период да се појават и премногу често бидејќи при тестирањето на апликацијата пред да се пушти во јавна употреба истата, не биле пронајдени тие „bug“- ови што во конкретниов случај е еден огромен пропуст на фирмата која го тестирала софтверот.

Тестирањето на апликацијата може само да го докаже постоењето (присуството) на грешките (bugs), не може да го докаже и нивното отсуство. Во случајов е евидентно дека тие „bug“- ови постојат во апликацијата. И замислете да се појави овој функционален „bug“ и да се активира како синоќа што се активираше во апликацијата инсталирана на телефонот на ќерка ми.

Апликацијата продолжува во позадина да си брои пари. И ете вашето дете платило за услугата пред 10 дена и 10 дена не ја гледа апликацијата. После десет дена детето повторно ја вклучува апликацијата и сака повторно да изнајми електричен тротинет. Приметува дека апликацијата сеуште брои. Цената е 9 ден. за една минута. За 24 часа ќе ви набилда сметка од 13000ден. За 10 дена од 130000ден. Вистински хорор. 10 просечни тротинети ќе купите за тие пари. Нема каде да се обратите.

Долгот е направен мора да си го платите. Немоќни сте. Што правиме? Залудно е кубење коси. Сè е залудно. Уште и извршител ќе ви се јави за да си го подмирите долгот доколку во зададениот рок не го подмирите. Значи за наплата најверојатно дека се' е одлично организирано. Во рок од неколку дена (има рок, не сум во потполност сигурен кој е вистинскиот) треба да си го подмирите долгот. Во спротивно ќе си имате присилна наплата. Додека не го платите долгот не можете да го избришете акаунтот од апликацијата. Не можете да се скриете. Ве имаат и ве гледаат кои сте. Ви го имаат телефонот. Не зборувам ништо на памет. Ништо не нафрлам. До 04 часот синоќа баравме помош и едвај ја исклучивме активноста на тротинетот преку онлајн помош со некое момче Ахмед, најверојатно од Турција (не тврдам) кој беше најверојатно задолжен синоќа како техничка поддршка во центарот за помош со кој на крај успеавме некако да искомуницираме во потполност. Му благодарам и за тоа.

Парите ги плативме и сето екстра кое како сметка се набилда во меѓувреме од страна на апликацијата додека лутавме и баравме решение. Уште требаше да бидеме и среќни што не беа повеќе пари за плаќање. Па и бевме верувајте. До толку е работава. Многу јака голгота беше тоа синоќа. Внимавајте со апликацијава. Ми се чини дека во случајов залудна е и Агенцијата за заштита на потрошувачи, објасни граѓанинот.