Градската болница ќе го намалува бројот на пациенти - повторно се подготвува за реконструкција

Старата Градска болница односно ЈЗУ Универзитетска клиника по хируршки болести „Св. Наум Охридски“ ќе го намалува бројот на пациенти оти повторно се подготвува за реконструкција.

Докторите велат дека добиле насоки да почнат да ги селат пациентите од урологија на други оддели во болницата и да примаат само итни случаи бидејќи од таму, овој пат, ќе почнат градежните активности. Од Министерството за здравство велат дека и покрај плановите оваа болница целосно да се пресели во новата градска болница што ќе се гради во Аеродром, стара Градска ќе се реновира.

„Таму имаше почнато реновирање, стигнато е до пола. Имаме важечки договор, ако го прекинеме ќе плаќаме пенали. Претходно било планирано да се реновира така што ќе запре работата, вработените требаше да се иселат на 6 месеци. Ние имавме многу состаноци за да најдеме начин како може да се реновира без да запре работата. Направивме еден терк со вработените да се реновираат одделите, а да не запре работата. Ќе ги реновираме одделите за да може таму да се работи, а за обнова на операционите сали ќе бараме решение понатака“, изјави за „Макфакс“ министерот за здравство Венко Филипче.

Овој пат од градежната фирма која ги изведува работите добиле ветување дека обновата ќе заврши за четири месеци.

Вработените велат дека условите во болницата се очајни. Вода протекува на сите страни, третиот кат веќе две години стои затворен за пациенти со до пола направени соби, нема инсталации, за лифтот има окно кое зјае празно, а тие се принудени секојдневно во такви услови да импровизираат за да им помогнат на пациентите. Велат дека и покрај лошите услови болницата е полна. Иван Спировски, в.д директор на болницата, за „Макфакс“ потврди дека се неопходни поправки за да можат да работат.

„Ова е стара зграда и за да може да функционира мора да се доведе во некоја оптимална состојба. Се планира нова зграда, меѓутоа додека таа се изгради мораме оваа да ја приспособиме за да издржи уште неколку години. Ова повеќе ќе биде санација, ќе се поправа се што треба да биде поправено, односно реконструкцијата ќе продолжи онаму каде што застанала со тоа што нема да се реновираат операционите сали бидејќи за тоа треба целосно затворање оти ова е хируршка клиника. Ќе работи истата фирма која што ја почна реконструкцијата и тие ќе си увидат дали досега направиле некаде пропуст и каде треба да се интервенира“, рече директорот Спировски.

Градежните работи се уште не се почнати туку се прават само подготовки. Директорот Спировски вели дека кога ќе бидат подготвени да се почне со работа, ќе ги известат и пациентите и останатите клиники.

„Бројот на пациенти ќе се намали отприлика за една третина. Сега имаме капацитет за 120 – 130 пациенти. Кога ќе почнеме со работа ќе ги известиме сите засегнати вклучително и останатите клиники за да можат да преземат дел од пациентите. Ќе се работи во фази, нема да ја затвориме клиниката туку од функција ќе се исклучи една вертикала. Ќе се испразнат 10 – 15 простории“, вели директорот Спировски.

На обновата на болницата работи Друштвото за производство инженеринг, услуги и трговија „Конструктор Рената и др.“. Тие во мај 2016 година потпишаа договор со Министерството за здравство за 147.500.000 денари или близу 2,4 милиони евра да ги завршат градежните работи во рок од 24 месеци, но реконструкцијата на болницата беше сопрена лани по смената на власта.