Градоначалникот Шилегов на регионален самит во Истанбул

Градоначалникот Шилегов учествува на регионалниот самит „Regional Living Lab Summit“ кој во наредниве неколку денови се одржува во Истанбул, Турција.

Самитот го отвори градоначалникот на Истанбул, Мевлут Ујсал (Mevlüt Uysal) и истиот има за цел да креира модел за развој на иновативен еко-систем во регионот, со акцент на можноста Истанбул да прерасне во регионален центар и мост помеѓу земјите во развој од Блискиот Исток и Северна Африка и веќе развиените земји од Европа.

Во своето обраќање на самитот, градоначалникот Шилегов ја потенцираше важноста од имплементирањето на системот на иновации во креирањето на еколошки напреден град, како и чекорите кои Град Скопје ги реализира во оваа област.

- Градот Скопје превзема чекори и активности за да овозможиме систематски и интегрален пристап кон креирање на услови за развој на иновативен еко-систем. Нашиот пристап се рефлектира преку еден поширок концепт на Центар за креирање и развој на бизниси. Преко овој концепт системски се развиваат  повеќе различни области, каде реализираме поголем број на активности и проекти. Скопје лаб е резултат на соработката помеѓу Град Скопје и УНДП. Целта на овој центар е зајакнување на капацитетите на градската администрација, нејзините процеси, постапки и делување. Скопје лаб функционира како Центар за иновации на Град Скопје чиј фокус е подобрување на услугите кои градот ги нуди на граѓаните. „Лабораторија за урбано живеење“ во Скопје (Urban living lab) е резултат на успешното делување во рамки на проектот РОК (ROCK) во рамки на Европската програма за истражување и иновации Хоризонт 2020. Лабораторијата за урбано живеење има за цел да биде модел за развивање на можности во Скопје. Од аспект на функционалност, целта му е да ги зближи широкиот опсег на заинтересирани страни од областа на развојот и урбаното планирање - кажа Шилегов.

Искуството на Град Истанбул на полето на иновативен развој покажува дека клучот на успехот е во моќта на одлучување, политиките и посветеноста на општините и Владата кои се поддржани од страна на јавни, приватни или академски иновативни еко-системи. Истанбул има еко-систем составен од повеќе од 60 најразлични иновативни центри.

На самитот во Истанбул учество зедоа претставници на голем број на општини и државни институции од Турција, научни центри и универзитети вклучени и организации вклучени во иновативните еко-системи, како и градоначалниците на Тунис (Тунис), Бен Суад (Souad Ben), Приштина (Косово) Шпенд Ахмети и  општината Трептоу-Копеник (Treptow-Köpenick) во Берлин (Германија), Свен Шмол (Sven Schmohl).

Во рамки на посетата на Истанбул, градоначалникот Шилегов и делегација на Советот на Град Скопје, остварија средба со градоначалникот на Истанбул, Мевлут Ујсал (Mevlüt Uysal). На средбата е дискутирано за досегашната соработка меѓу двата збратимени градови, како и можностите и областите во кои може да се интензивира истата.