Горивата поскапуваат од полноќ

Регулаторната Комисија за Енергетика ги објави новите, малку зголемени цени на горивата.

Во согласност со методологијата за пресметка на цените, од вечерва на полноќ малопродажните цени на горивата се зголемуваат во просек за 1.48%. 

Цената на ЕУРОСУПЕР-98 се зголемува за половина денар, и еден литар 98-октански бензин од вечерва на полноќ ќе чини 69.50 денари.

Цените на ЕУРОСУПЕР-95 и ЕУРОДИЗЕЛ се зголемуваат за по еден денар. Тоа значи дека 95-октанскиот бензин ќе чини 67.50 денари, додека дизелот ќе чини 62.50 денари.

И на светските берзи порасна цената на нафтата

Цената на фјучерсите на нафтенатата марка Брент при отворањето на берзата ИСЕ во Лондон се зголеми за 13,86 проценти на 69,91 долари за барел, јавија светските медиуми.

Во првите минути, цената на нафтата достигна плафон од 71,95 долари за барел. Последен пат цената на нафтата беше на ниво од 71 долар во мај 2019 година. 

Цените на нафтата растат после извештаите за напади со дронови на нафтени постројки во Саудиска Арабија.

Според „Волстрит џурнал”, саудиските власти очекуваат националната нафтена компанија Сауди Арамко до вечер да го продолжи производството на нафта за една третина. Според весникот, нападите го намалија производството на нафта за 5,7 милиони барели на ден.