Голем шопинг мол и 4 станбени згради на местото на Скопски саем

Напролет идната година ќе почнат градежните работи во рамки на комплексот „Ист Гејт“, кој ќе се гради на поранешниот Скопски саем. Ќе се гради голем трговски центар, и четири станбени згради, кои се во план да се завршат до крајот на 2020.

Инвестицијата е 350 милиони евра и ќе се реализира на вкупна површина од 500.000 метри квадратни.

Покрај сопствените средства на инвеститорот, финасиери ќе бидат неколку домашни банки, а се преговара и со една странска банка.

– Трговскиот центар и четирите станбени згради се првата од петте фази од реализацијата на проектот “Ист гејт”. Првата фаза ќе биде готова до крајот на 2020 година. Изградбата на трговскиот центар кој ќе има корисна површина од 53.000 квадратни метри ќе чини 90 милиони евра кои ќе бидат вбризгани во македонската економија бидејќи ќе го градат домашни градежни фирми. Исто така, за комуналии во касите на општина Гази Баба и Град Скопје ќе се влеат уште 30-ина милиони евра – рече Давков и најави дека за реализација на оваа фаза парите ќе се обезбедат 40% од акционерот – компанијата “Балфин груп” на албанскиот бизнисмен Самир Мане, а 60% ќе бидат кредити, пред се, од домашни банки.

Овој комплекс ќе се гради на местото на Скопски саем, кој поради проблемите во кои западна, го остави без саем главниот град на земјава. Комплексот е една од позначајните инвестиции која во неколку наврати ја најавува премиерот Зоран Заев.

Градбата на комплексот ќе се одвива во период од пет до седум години, а вкупната инвестиција изнесува 350 милиони евра. Бизнис паркот, кој е предвиден во рамките на проектот треба да даде нова бизнис димензија и решение за преоптовареното централно подрачје и ќе привлече странски и домашни инвеститори кои сакаат да ги консолидираат своите бизнис активности на едно место.

-Овој комплекс ќе го унапреди Скопје во насока на модерен град и ќе ја зголеми вредноста на Општината Гази Баба со содржина, инфраструктура, уредени паркови и зголемена фреквенција на посетители. Проектот ќе донесе повеќе од 2.000 нови работни места и очекувам да даде огромен придонес за економскиот развој на Скопје – рече Давков.