Германски „Шолц“ ќе биде новиот концесионер на Дрисла

Германската фирма „Шолц“ ќе биде концесионер на депонијата „Дрисла“, потврдиле за порталот САКАМДАКАЖАМ.МК од Кабинетот на скопскиот градоначалник Петре Шилегов.

Бодувањето на понудите на тендерот од 2011 година е завршено и според тоа германски „Шолц“ е прворангиран.

-В среда ќе биде закажана вонредна седница на Советот на Град Скопје на која единствена точка на дневен ред ќе биде избор на нов концесионер на депонијата. Одлуката ќе биде конечна откако Советот ќе ја изгласа и тогаш ќе бидат соопштени условите под кои идниот концесионер ќе ја управува депонијата, изјавиле од кабинетот на Шилегов

Комисијата формирана од градоначалникот Петре Шилегов деновиве извршила бодување на трите фирми кои на тендерот објавен во 2011 година доставиле понуди и влегле во втората фаза, а тоа се италијанската „ФЦЛ Амбиенте“, германската „Шолц“ и австриската „АСА“.

Во моментов „Дрисла“ е под концесијата на италијанската фирма „ФЦЛ Амбиенте“, поради што и германски „Шолц“ со години водеше судски процеси поради нерегуларности во тендерската постапка.

Советниците од СДСМ во градското собрание повеќепати покренуваа расправи откако Управниот суд во два наврати донесе одлука за поништување на тендерот. Но тогашниот градоначалник Коце Трајновски и дирекорот на Дрисла Горан Ангелов го бранеа италијанскиот концесионер.

Ангелов неодамна во интервју за 1ТВ рече дека генератор на се што се случува околу Дрисла е Управниот суд, нод ека се надева оти Шилегов ќе се заземе за ставање крај на целиот процес и Италијанците ќе можат да почнат со инвестицискиот циклус.

Дрисла од неодамна повторно е во фокусот, но поради сомневањата дека придонесува за енормното загадување на воздухот.

Иако беше најавено дека ќе биде донесена најсовремена печка за согорување на медицински отпад, таа се уште ја нема, а во меѓувреме се расипа и филтерот кој беше привремено решение додека да биде инсталирана новата печка.