Финансиска полиција влезе во Клиниките за хематологија и ревматологија

Финансиска полиција врши истрага во Клиниките за хематологија и ревматологија и во Агенцијата за лекови, објави НОВА. Причината е последната набава на лекот Мабтера, кој наместо од производитл бил донесен преку паралелен увоз.

„ Добивме пријава дека лекот е од паралелен увоз и ќе се утврдува дали станува збор за оригинален лек.  Влеговме и на клиниките и во веледрогеријата добавувач за да утврдиме дали  имаат сертификат за квалитет и сите други лиценци. Но, ова ќе потрае, сега сме на половина пат“, потврдија за НОВА од Финансиската полиција.

Станува збор за исклучително скап лек(една ампула чини 68 000 денари)  за кој имало постапка за интервента набавка бидејќи залихите се потрошиле. НОВА, поикувајќи се на свои извори објави дека веледрогеријата добавувач учествувала со оригинаторен лек и решение за регистрација директно од производителот. Но, наместо од производителот,  лекот бил донесен преку паралелен увоз. Дополнително, наводно истата веледрогерија немала право ниту на тоа бидејќи решението за паралелен увоз им било истечено на 30 март.

„Заради тоа што е истечено решенето на 30 март овој добавувач не смее да учествува во постапки за јавни набавки, може да испорачува лекови од залихи, но не смее да увезува нови лекови. Веледрогеријата го злоупотребила производителот со тоа што доставила решение директно од таму, а испорачала лек од паралелен увоз“, тврдат добро упатени извори за НОВА.

На Клиниката за ревматологија се сигурни во безбедноста на овој лек, бидејќи како што тврдат,  добавувачот доставил сетрификат за квалитет од производителот и сертификат дека е задржан ладниот ланец. За да се увериме дали станува збор за лек од паралелен увоз, НОВА побара и ни беше дозволено да го видиме пакувањето на лекот.

На клиниката велат дека не знаат зошто е тоа така и претпоставуваат дека лекот бил наменет за пазарот во Турција. Фармацевтски извори велат дека објаснувањето е едноставно, лекот е набавен преку паралелен увоз од Турција.

„Станува збор за серија на лек кој не е наменет за Македонија туку за Турција. Добавувачот го набавил од Турција по поевтина цена и преку паралелен увоз го внесол во државата. На ваков начин, не само што е прекршен Законот за лекови, туку производителот не гарантира за квалитетот на лекот “, велат фарамцевтски извори за НОВА.

Со тоа е доведена е во заблуда и Комисијата за јавни набавки- дека пациентите ќе добијат лек увезен директно од производителот, а всушност испорачани се лекови до паралелен увоз. Злоупотребен е и правниот застапник на производителот во државата, кој со издадената Авторизација гарантира квалитет, без да знае дека тоа ќе бидат лекови од паралелен увоз за кои правниот застапник нема овластување од производителот.

Што од ова констатирала Финасиската полиција засега не се открива, а не се знае дали за сето ова ќе реагира и Агенцијата за лекови која пак, гарантира за квалитетот на лековите и треба да ја штити безбедноста на граѓаните.