Филмот Ругање со Христос ќе може да се прикажува во киносалите низ земјава. Државното правобранителство го повлече барањето испратено до Граѓанскиот суд за изрекување 30-дневна  забрана за емитување на филмот.

Барањето за времена забрана го покрена Министерството за култура, со образложение дека филмот е со етнички навредлива содржина и може да наштети на соживотот во земјава, но по неговата премиера констатираше дека времената забрана за емитување веќе нема правна основа.  

Министерството не испрати свој претставник на денешното рочиште, додека од  здружението Арт синема, реакција најавија за утре.

Државното правобранителство се откажа од времената забрана за емитување, но не и од истрагата за трошење на доделените државни пари за снимање на филмот. Ругање со Христос во 2015-та  доби близу 300.000 евра од државната агениција, која сега утврдува за што се потрошени овие пари. Освен државата, во финансирањето учествуваа и амбасадите на Шведска, Германија и Норвешка.