Филипче до новинарите: Ви благодарам за вашиот влог во борбата со Ковид-19

„Денеска, на Меѓународниот ден на слободата на медиумите, ви упатувам искрени честитки и огромна благодарност за вашиот влог во справување со борбата со Ковид-19.Од првиот ден кога, како земја, се соочивме со вирусот кој го промени животот на милиони луѓе ширум светот, бевме уверени дека само точна, навремена и транспарентна комуникација може да придонесе во сузбивање на стравот и паниката кај граѓаните и подигнување на јавната свест“, порача министерот за здравство Венко Филипче.

Според него, паралелно со справување со пандемијата, светот се бори и со дезинформации и лажни вести, кои во вакви услови можат да бидат поопасни и од самата пандемија. Од друга страна, точните информации и известувањето базирано на факти се лек за човештвото и единствен начин да се добијат големите битки.

„Во едно вака комплексно опкружување, вие медиумите и медиумските работници сте повеќе од спрега помеѓу институциите и јавноста. Вие сте партнер кој рамо до рамо со институциите имате важна улога во справување со кризата. Одговоривте професионално на предизвикот и покажавте дека сте на висина на задачата и за тоа сум ви искрено благодарен.

Отворени институции, слобода на медиумите, фер и транспарентно известување е кодекс кој треба да го следиме во криза, но и во мирнодобски услови. Само така потврдуваме дека сме посветени на демократските вредности и дека водиме грижа за еден од основните столбови на демократијата“, додава Филипче.