Центарот за научни истражувања и промоција на културата „Хамеус“ денеска организира едукативна тура низ „Палатите на старо Скопје“.

Во рамките на оваа прошетка е вклучен едукативен дел за таканаречените палати на старо Скопје кои се наоѓаат во самиот центар на градот и во нивната архитектура може да се забележат влијанијата на многу европски стилови, како што се експресионизмот, арт нуво, академизмот, традицијата и модерниот стил, а честопати се надополнети со елементи на византиска традиција, класика, ренесанса и барок.

„Хаемус“ во изминатата година изработи обемна научно-истражувачка студија посветена на животот во Скопје, кој културно, социјално и економски интензивно се развивал во периодот помеѓу двете светски војни.

Дел од оваа студија е посветен и на таканаречените палати на старо Скопје, кои го преживеале земјотресот од 1963, а денес некои од нив се заштитени со закон и прогласени за културно наследство на Република Македонија.

- Со оваа тура сакаме искуството кое ги акумулиравме работејќи на овој проект да го споделиме со граѓаните и на тој начин нашите сознанија за старо Скопје да ги дисеминираме со заедницата, изјави Василка Димитровска, директор на „Хаемус“.

Целта на оваа тура низ центарот на Скопје е промоција и популаризација на богатото архитектонско наследство коешто несомнено оставило трага во архитектурата и уметноста на главниот град.

Едукативната тура низ „Палатите на старо Скопје“ се реализира по повод „Меѓународниот ден на музеите 2018“.