Една третина од болницата 8 Септември наменета за интервенции врз пациенти заразени со Ковид-19

Капацитетите на Градската општа болница 8 Септември се ставени во функција за потребите во справување со ширењето на инфекцијата на коронавирусот.

Болницата, која досега беше наменета за пациенти, коишто беа сомнителни или позитивни на коронавирусот, а им беше потребна друга здравствена услуга, врз основа на препораките на Главниот координативен кризен штаб за справување со Ковид-19, во зависност од потребите ќе врши внатрешна прераспределба на материјалните капацитети и персоналот.

Во зависност од потребите во Болницата ќе се врши реорганизација на просторот и кадарот, а преку Тријажниот центар се прифаќаат пациентите, информираат здравствените власти.

Третина од капацитетот на Болницата во моментов е наменет за карантински оддел со соодветни операциони сали и неопходна опрема за хируршки интервенции на пациенти со симптоми на коронавирус.

„Врз основа на воспоставени протоколи при приемот во болницата 8 Септември на лица кои се во животозагрозувачка состојба, тие ќе се третираат како позитивни на Ковид-19, по што веднаш им се прави потребната интервенција и соодветно ќе бидат згрижени“, се наведува во соопштението.

Пациентите, кои не се во животозагрозувачка состојба, а воедно се третираат како сомнителни на вирусот, ќе бидат изолирани во болницата до добивањето на резултатите на тестот на коронавирусот.

Од „8-ми Септември“ наведуваат дека будно ја следат актуелната состојба со ширењето на епидемијата и болницата е подготвена да се организира и соодветно да функционира според потребите на пациентите и дадената ситуација.