Една година од автобуската несреќа на „Беса Транс“ во која загинаа 45 лица

Помина точно една година од страшната автобуска несреќа на автопатот „Струма“ во Бугарија во која загинаа 45 лица од земјава кои се враќале од Турција каде биле на прошетка со автобус на Беса Транс.

Повредени беа и 7 лица, а точната причина за несреќата засега не се знае. При увидот на местото на настанот во автобусот беа пронајдени канти со гориво, но воопшто не се запалиле.

Според портпаролката на бугарското обвинителство Силка Милева, биле испрашани повеќе од 30 сведоци. Направени беа и вештачења, со што едно од нив и ја утврди причината за смртта.

„Утврдено е дека повеќето починале од термички удар и задушување од пожарот“, додаде Милева.

„Од изготвениот заклучок на вештаците јасно се гледа дека возачот возел со преголема брзина и изгубил контрола над возилото“, изјави Милева.

Една година подоцна на местото на несреќата пак некои работи се сменети. Заштитната ограда е заменета, а има и површен обид да се поправат ознаките на патот.

Дијана Русинова од Европскиот центар за транспортни политики за БТВ вели дека местото на исклучување било исчистено и досега оваа делница од патната клучка „Даскалово“ до патната клучка „Долна Дикања“ во својот голем дел сè уште нема заменета заштитна ограда, а на многу места недостига обележување.

Од API за БТВ одговорија дека делницата е во добра оперативна состојба и сообраќајот на неа е безбеден доколку се почитуваат сообраќајните правила. Тие прецизираат и дека од немилиот инцидент досега се направени неколку подобрувања – патна сигнализација, има нови знаци, а поставени се и нови системи за задржување.

Во тек се две истраги за случајот – една во Бугарија и една во Северна Македонија.