„Џивџан“ матура и спомен алманах од градинка

„Џивџан“ или мини-матура е новиот хит помеѓу родителите. Во некои градинки низ градот се прави спомен алманах од градинка. Очигледно кај нас важи правилото колку посиромашни сме, толку повеќе треба да се покажеме пред народот.

Родителите чиишто деца ќе бидат првачиња во септември брцкаат длабоко во нивниот џеб. Во градинките им бараат од 400 до 600 денари за табло или алманах, во зависност во која општина оди детето.

-Родители собираме пари за заедничка фотографија, како и за табло доколку го праќаме детето во прво одделение. Зар потребно е ова...Ќе се побуниме ли? Или ќе си прифатиме за да не си го делиме детето од останатите?! Три  години секој месец купуваме влажни марамчиња, хартија за бришење раце, течен сапун, пластични чаши. Пари за фотографирање за нова годин, пари за фотографирање за маскенбал на 1 април, пари за украсување за нова година, подарочиња за лотарии… Аман, има ли крај. Зар треба да правам свадба во септември што детето започнува со еден нормален процес – образование, револтирано коментира Елена.

Кој профитира од „радосните моменти“ кои градинките ги организираат за децата?! Како едни исти фотографи ја добиваат шансата да ги прават фотографиите во градинките? 

-Лани децата од градинката славеа Џивџан матура во пицерија. Во Вибер групата имаше цели реферати со предлози каде да се собереме, дали и како децата да се дотераат бидејќи веќе заедно нема да бидат, вели Марија мајка на првооделенец.