Дводневен форум за локалната демократија во Скопје

Размена на позитивни практики и искуства за да се подигне свеста кај засегнатите страни на национално и локално ниво за важноста на локалната демократија, соработката помеѓу граѓанските организации и локалните власти, како и потребата да се обезбеди финансиска одржливост на граѓанските организации, е целта на Форумот за локална демократија, што денеска и утре се одржува во Скопје, во организација на Европска асоцијација за локална демократија – АЛДА Скопје и во партнерство со Европското движење и Здружението на финансиски работници од општините.

Форумот е организиран во рамките на проектот „Граѓанските организации во служба на локалната демократија“ поддржан од Европска Унија и Централноевропската иницијатива (ЦЕИ).

Ивана Петровска, директор на АЛДА Скопје нагласи дека на овој меѓународен настан  учествуваат 60 учесници (20 меѓународни и 40 домашни) претставници на локалните власти, граѓанскиот сектор и меѓународни организации од Балканот и ЕУ, додавајќи дека овој Форум на учесниците ќе им даде можност да разменат добри практики, искуства и да дискутираат за нови начини на соработка меѓу локалните власти и граѓанскиот сектор.

Кирил Парталов, државен секретар во Министерството за локална самоуправа изјави дека главна мисија на ресорното Министерство  е унапредување на системот на локалната самоуправа за обезбедување на локални јавни услуги со европски стандарди прилагодени за потребите на граѓаните, одржлив, локален и рамномерен развој и добро владеење на локално ниво.

– Голема придобивка за локалните власти и развојот на локалната демократија е меѓународната соработка и развојот на добри практики со локалните власти од сопствените држави и од земјите од Европската унија. Локалните партнерства на меѓународно ниво воспоставуваат нови позитивни практики и придонесуваат кон отвореноста на локалните власти. Овие позитивни практики се во согласност со идентификуваните и воспоставени приоритети на Министерството за локална самоуправа за поттикнување на инклузивноста на локалните власти преку зголемено учество на граѓаните во донесување на одлуките. Доброто владеење е услов за решавање на прашања по мерка на граѓаните. Тоа подразбира отворено, транспарентно, економично и ефикасно управување со јавните работи, рече Парталов.

За време на форумот предвидено е да се одржуваат и четири панели за размена на добри практики на тема: ефикасно партнерство помеѓу граѓанските организации и локалните власти; поддршка за граѓанските организации од страна на локалните власти; традиционални и нови начини на граѓанско учество; и локални партнерства преку меѓународна соработка.