Докторка која се породила во „Систина“ сведочи за својата голгота: Врвно здравство, врвен пазар или печатница за пари?

Пациентка која работи како доктор во јавното здравство, за Скопје Инфо ја раскажува голготата низ која поминала, откако решила процесот на породување да го изврши во Клиничката болница „Аџибадем Систина“. 

Во разговор со нашата редакција, таа се пожали на низа пропусти во третманот: предвремено породување, заразување на новороденчето со изолирана бактерија – МРСА и несоодветен однос од страна на стручните служби и доктори вработени во  болницата. Во својата реакција, таа сведочи и за флагрантното кршење на Хипократовата заклетва, низа погрешни чекори, отсуство на одговорност, немање доверба во односот пациент – доктор.

Дали  „профитот е пред човековата судбина" во овој случај проценете сами, а ние ви го пренесуваме сведоштвото на оваа пациентка која се соочила со стрес и финансиска штета токму во најубавиот период за една жена. 

- Во моменти кога македонскиот здравствен систем е длабоко разнишан и тлото на кое почива довербата пациент – лекар  е крајно несигурно, во време во кое јавноста се згрозува читајќи приказни за безброј лекарски пропусти кои резултираат со страв и несигурност кај пациентите, јас како лекар и пациентка истовремено се одлучив да ја објавам и мојата приказна, ја почнуваа таа својата исповед.

- Уште еден немил настан во серијата поразителни случувања во здравствениот систем, кој од позиција на професионалец и учесничка во истиот, сум доволно стручна и компетентна да ги оценам, вели нашата соговорничка.

Пациентката вели дека станува збор за флагрантното кршење не само на Хипократовата заклетва, туку таа и е жртва на низа погрешни чекори кои во најмала рака ѝ нанеле тежок  стрес, а потоа и финансиска штета, без притоа институцијата – Клиничка болница „Аџибадем  Систина“,  да понесе најмала одговорност, барем и морална. Затоа, како што вели таа, смета дека ова не смее да остане премолчено.

- Ниту еден систем, институција или поединец не може да созрее или да застане на ниво на задачата која му е доделена доколку не умее да преземе одговорност, вели пациентката.

- Со уредна и беспрекорно контролирана бременост, со сите неопходни и помалку потребни иследувања (благодарност до мојот матичен гинеколог др.Надица Кеќик како и до гинеколозите – акушери од Гинекологија Чаир) сепак одлучувам чинот на породување да се изврши во „Систина“, односно верувам дека доколку платам пари би добила врвни услови и професионалност. Наместо тоа јас и моето семејство добивме врвен стрес во,  за мене,  највулнерабилниот период, кој наместо да ми донесе радост и среќа, ми донесе вознемиреност, разочараност и страв кои и покрај изминати три месеци сè уште постојат, раскажува таа.

- Првиот базичен пропуст во мојот случај беше – исфорсиран предвреме направен елективен царски рез. Во идеални услови интраутерини, контролирани со редовни ултразвучни прегледи и ЦТГ моето бебе не покажуваше никакви знаци дека е дојдено време тоа да  дојде на свет, ниту дека постои индикација три недели пред краен термин да се изврши породувањето, појаснува пациентката за својата бременост.

Таа е децидна во својот став дека бебињата не се раѓаат кога на акушерот му одговара.

- Акушерот не сака да си го наруши комфорот па да трча во 4 часот наутро (такво образложение добив), ниту да треба да биде на  „стенд бај“ кога ќе почнат болките и контракциите, односно сака  елегантно работата да ја заврши кога ќе се закаже термин во сала, констатира таа.

Пациентката која по професија е лекар нагласува дека како професионалец пристапува со доверба кон друг лекар, колега кој ѝ рекол дека ако не дојде на закажаниот термин на интервенција, одговорноста и ризиците во тој случај се нејзини.

- Ризици на идеална бременост, само што влезена во 38 гестациска недела (која фактички беше 37.)  со сосема мирно ЦТГ ? Дали нешто повеќе треба да се каже за да ја донесе стручноста под знак прашалник или упатува на сомнежот кој се провлекува - дека пациентите се гледаат како банкноти, а не пациенти? – прашува таа јавно.

- На денот на царскиот рез исто така ЦТГ-то покажуваше сосема уреден наод, односно моето бебе беше заспано, насила извлечено од една, за него сè уште, идеална средина во надворешната средина без притоа  „мајка природа“ да го подготви и разбуди за негово доаѓање на свет како што физиолошки се случува при секоја бременост. Таквиот така наречен шок резултираше со проблеми во дишењето кои беа дијагностицирани како транзиторна тахипнеа, додека на отпусното писмо стои „Акутен респираторен дистрес синдром“ кој укажува на недоволна зрелост на белите дробови, односно на краен период на предтерминско бебе. Бебе кое физиолошки ќе си го достигнело својот развој интраутерино и ќе покажело кога треба да дојде на свет, а не кога акушерот одлучил бидејќи случувањето алудира дека личниот интерес го ставил пред интересот во овој случај на двајца пациенти. Во таква состојба поради проблеми со дишењето моето бебе беше префрлено на интензивна нега. Девет дена јас го немав фатено моето новороденче, превртувајќи илјадници можни сценарија низ глава бидејќи истото го дозреваа во инкубатор (затоа што насила го извадија пред време), ја продолжува приказната оваа пациентка.

Но, освен тоа новороденчето било заразено со бактеријата МРСА токму во „Систина“.

- За да биде иронијата уште поголема во операциона сала го контаминираа со бактерија МРСА – типична интрахоспитална бактерија! МРСА во Систина – недозволиво. Кај истите тие што плукаат по јавното здравство дека било валкано и нечисто. Добив одговор дека МРСА-та не било ништо, таа бактерија не значи ништо, брис од уво позитивен на МРСА, дека новинарите правеле само атракција од неа. Поголема дрскост не може да има ! Можеби колонизат од МРСА за имунокомпетентен човек не би значело ништо посебно, но за предвремено неспремно новороденче со компромитирано дишење и тоа како е заканувачка во  секој поглед, што резултираше со покачен прокалцитонин (како ран маркер за инфламација) земен некаде 8 часа после царскиот рез кога  бактеријата која му ја закачиле во операциона сала почнала да го прави своето, раскажа мајката.

Како што вели таа, она што е жално во целава приказна, не е само фактот дека таа била финансиски оштетена бидејќи го платила лекувањето на нивните пропусти, туку и односот лекар –пациент кој треба да почива на целосна доверба.

- Јас велам лекарот и пациентот се играчи од ист тим, но со овој, а верувам и во низа други случаи, оти се зборува меѓу луѓе, лекарот е профитер и ја сведува медицината од најхумана професија на најпрофитабилен бизнис, алармира пациентката и докторка.

- Одговорот на мојата поплака е оскуден и крајно медицински неиздржан – немало пропуст во лекувањето од нивна страна (што секако неонатолозите и тимот на интензивна нега одлично си ја заврши својата работа – дозревање во инкубатор на кислород и антибиотска терапија за инфекцијата мрса), што е само уште една потврда на фактот дека вредностите и професионалноста на далеку најодговорната професија се сериозно нарушени, воедно остава сомнеж - „расипуваме па лекуваме“ за да наплатуваме, вели докторката.

Таа смета дека пропусти и грешки постојат, но вели затоа постојат и контролни механизми кои не дозволуваат тие грешки да излезат од контрола и последиците да ги трпи пациентот, што во овој случај тие контролни механизми сериозно затаиле.

- Велат  грешка која го чини човек покорен е позначајна од успех кој го чини човек арогантен. За жал, нивната дрскост и ароганција на средбата која ја остваривме каде што јас како човек на луѓе, како колега на колеги го изнесов мојот проблем за да се најде решение во рамките на болницата беше едноставно кажано – мизерна, а потоа нивниот став медицински крајно неиздржан, оти и не може да биде кога сите факти го говорат спротивно, заклучува оваа мајка, докторка и пациентка.

За конкретниот случај Скопје Инфо побара став од Клиничката болница „Систина“ од каде не го демантираат истиот, но велат дека не даваат информации за поединечни случаи, а истовремено упатуваат пациентката да достави претставка до Министерството за здравство. 

„Согласно Закон за здравствена заштита како и сите останати закони и подзаконски акти од областа на здравство, предвидени се надлежни институции и  органи кои се овластени  и за кои постојат  пропишани критериуми и инструменти со кои вршат контрола над стручната работа, спроведување на стручните упатства, оцена на стручната работа, како и процена на условите и начинот на укажување на здравствена заштита на здравствените установи.Од наведените причини, сметаме дека непрофесионално и  незаконски би било да даваме било какви информации за било кој пациент и да одговораме  на новинарски прашања“, стои во одговорот од Систина.