Додека народот едвај врзува крај со крај, координаторите во Влада ќе земаат речиси 2000 евра плата

На околу 157 избрани и именувани лица по одлука на Владата и дополнително со Законот за плата ќе им бидат намалени коефициентите со кои им се пресметуваат платите. Парадоксално во целата оваа ситуација е што националните координатори кои се назначени од самата Влада ќе имаат поголема плата од самите министри.

Со последната одлука 13 национални координатори во Владата ќе добиваат по 2,87 просечни плати, а Мартин Попов, поранешниот шеф на кабинетот на екс премиерот Димитар Ковачевски, како национален координатор ќе добива 3,4 просечни плати или околу 125 илјади денари месечно.
За да ви стане појасно како се пресметуваат платите на функционерите тоа се зема како основицата од просечната плата за 2023 година која изнесуваѓе 36.614 денари ( сега таа е поголема) и целиот тој износ се множи со коефициент од 3.4

Со Одлуката на Владата се намалуваат коефициентите на платите на именувани функционери во Владата, национални координатори и други функционери, на директори и други именувани лица на органи во состав на министерствата, на директори и други именувани лица на самостојни органи на државната управа, на раководни лица во управни организации, агенции, фондови и други правни лица основани со посебни закони, на казнено-поправни установи итн.

Платата на премиерот, во моментов на техничкиот премиер Талат Џафери ќе изнесува 3,92 просечни плати, наместо 4,5 и тој ќе зема околиу 143 илјади денари. Вицепремиерите ќе имаат намален коефициент од четири на 3,48, додека министрите и генералниот секретар на Владата наместо 3,7 ќе добиваат 3,22 просечни плати.

Директорите на агенциите на Владата, како и директорите на органите во рамки на министерствата како УЈП, Финансиска полиција, Царинска Управа, Биро за јавна безбедност, Државни инспекторати ќе добиваат плата во висина од по три просечни плати.