Доаѓаат дождови - Попоски со метео анализа за викендов и почетокот на следната недела

Под влијание на циклон кој е со центар западно и северозападно од нас, овој викенд, како и во почетокот на следната седмица во Македонија во попладневните часови повторно ќе има локален развој на нестабилна облачност, проследена со пороен дожд, грмежи и засилен ветер, прогнозира метеологот Славчо Попоски.

Сепак, поради големата енергија во атмосферата токму поради топлиот бран од Африка, ќе се создадат услови за локално, но силно невреме, проследено со обилен пороен дожд за кратко време кој би можел да предизвика локални поројни поплавувања, силен ветер, силни и чести електрични празнења како и со појава на град кој би можел да биде крупен во ваква ситуација.

И во делови од скопскиот регион постои услови за попладневна нестабилност, но и услови за појава на невреме.

Попоски апелира, граѓаните и тоа во случај на појава на невреме и на силни електрични празнења да бидат крајно внимателни, односно да не се претстојува на отворен простор и под осамени дрвја. Секако во случај на појава на крупен град и на силен ветер автомобилите да се заштитат.

Што се однесува до температурите, тие овој викенд, како и во почетокот на следната седмица ќе бидат натпросечно високи и ќе се искачуваат во интервалот од 27 до 35 степени, а во најтоплите централни и југоисточни предели тие локално би можеле да надминат и 35 степени. Во Скопје за време на овој топол бран температурата ќе се искачи до околу 31-32 степени.