До почетокот на летото ќе се пушти во употреба: „Трета македонска бригада" ќе добие 4 сообраќајни ленти

Изградбата на булеварот Трета македонска бригада, се очекува во лето да биде пуштен за сообраќај.

-Постапката за експропријација на булеварот Трета македонска бригада е се уште во тек и очекуваме да нема големо влијание на текот на работите поврзани со конечната реализација на овој голем проект кој е од интерес на неколку стотини илјади граѓани. Имено, согласно предвидена планска документација и роковите за изведба, проектот треба да заврши до почетокот на летото, велат од Град Скопје.

Пуштањето на булеварот Трета македонска бригада чија изградба започна пред три година нестрпливо го очекуваат околу 100 илјади граѓани кои секојдневно го користат до своите работни места. Велат во моментов токму кај автопералната создава најголема гужва.

Нерешените имотно-правни односи им задеваат најголема главоболка на градските власти кога се гради некој капитален објект. Највпечатлив пример е изградбата на кривиот мост кој ги поврзува Аеродром и Гази Баба кај Железничката станица.

Во тој случај Градот како обесштетување нудел 200 илјади евра за куќата што се најде на патот на мостот, но сопственикот барал два милиони евра.

Поради тоа мостот доби косина, а под прозорецот на куќата сега секојдневно поминуваат возила.

Инаку, со овој проект улицата "Трета македонска бригада" ќе добие 4 сообраќајни ленти, по две ленти во секоја насока, зелен појас од 1,5 метри, велосипедска патека покриена со асфалт и широка 2 метра и тротоар покриен со бехатон-плочки со ширина од 3 метри. Ќе се изгради и средишна разделна жардиниера со ширина од 5 метри. На овој дел од улицата "Трета македонска бригада" се поставува и нова атмосферска канализација со вкупна должина од 1.250 метри, како и ново улично осветлување.