Димитров – Ескобар: Покажаното лидерство и заложбите во реформскиот процес да бидат валидирани со почеток на преговорите со ЕУ

Европската перспектива на Северна Македонија и регионот како заедничка стратешка цел, како и актуелните состојби во тој контекст, беа тема на разговор на средбата на заменик помошникот државен секретар на САД Габриел Ескобар, кој престојува во работна посета на земјава со вицепремиерот задолжен за европски прашања Никола Димитров.

Како што соопшти СЕП, вицепремиерот Димитров упати благодарност за континуираната американска поддршка на европските интеграции на земјата, партнерството и сојузништвото во справувањето со глобалните предизвици како израз на заедничките вредности.

– Делиме иста визија за иднината на Северна Македонија и регионот и поддршката од САД како наши партнери и сојузници секогаш била двигател на процесите. Почетокот на пристапните прег​овори со Северна Македонија ќе означи заокружување на едно поглавје во исполнувањето на заедничката стратешка цел и создавање на нов моментум за европската иднина на регионот како гарант на стабилноста и демократијата. Надминувајќи ги актуелните предизвици, ќе можеме да се насочиме кон унапредување на споделените вредности и продлабочување на партнерството во тој поглед, истакна Димитров на средбата.

Ескобар, се посочува во соопштението, ја истакна посветеноста на Северна Македонија како НАТО сојузничка во обезбедувањето на регионалната безбедност и промовирањето на евроатлантските вредности, при што ја посочи важноста на Преспанскиот договор како столб на мирот и сигурноста во регионот.

– Покажаното лидерство и заложбите во реформскиот процес треба да бидат валидирани со заслужен напредок во европските интеграции на земјата, преку усвојување на преговарачката рамка и одржување на првата меѓувладина конференција во процесот на преговори, нагласи Ескобар.