Детали за нападот на Шар Планина- Данскиот скијач бил нападнат од мечката кога се доближил до нејзините мечиња

Директорот на центарот за управување со кризи, Стојанче Ангелов, ги обелодени деталите за нападот на мечка врз скијач од Данска што се случи утрово на Шар Планина.

“ До нападот дошло околу 10 часот и 45 минути, на местото викано Јелак, пришто мечката нападнала турист кој бил дел од 10 члена скијачка група која одлучила да се движи надвор од скијачките патеки. Застанале покрај неколку елки да одморат, но во нивна близина се нашле две мали мечиња и веднаш рипнала мечка која исплашена за своите мечиња нападнала еден од туристите гризнувајќи го за ногата, по што побегнала“, рече Ангелов.

Повредениот турист бил префрлен во болницата во Тетово, каде неговата рана била исчистена и санирана. По преврската, тој ја напуштил болницата.

Ангелов укажа дека во послената година има зголемен број пријави на Шар Планина за мечки. ЦУК ќе иницира неколку средби со раководството на Националниот парк Шар Планина, со цел да се изнајде решение со кое ризикот за планинарите од опасноста од средби со мечките ќе биде намалена. Ангелов вели дека се работи за територија на која мечките природно припаѓаат, но целта е ваквите несакани појави кога мечка исплашена за своите најмали напаѓа човек да се сведат на минимум.