„Десонанз“ фестивал во рамки на „Бела Ноќ 2022“

Фестивалот „Десонанз“, ќе понуди целовечерна програма вечерва во Кинотека, во рамки на „Бела Ноќ 2022“. 

Програмата има за цел да ја презентира македонската музичка електронска сцена која е напредна и во тек, вибрантна со случувањата на глобалната современа електронска сцена.

Музичкиот дел ќе започне во 20 часот во салата за проекции во Кинотеката со концертни настапи во живо на двајца музичари од македонската електро-акустична и современа електронска музика: Axiotomic и Amplidyne Effect, како и настап на канадскиот музичар hundredmillionthousand. Концертните настани ќе бидат пропратени со проекции на македонски филмови во избор на филмолозите од Кинотеката.

Како дел од вечерта, ќе бидат поставени и две изложби. Македонскиот уметник Игор Манојловски – Калц ќе се претстави со колажни дела под името “Егзотика/Еротика”, а Денис Митјушев од Њујорк со цртежи и дела под името „Resistance to Form“ и “Распад 97”. Изложбите ќе бидат поставени во холот на Кинотека. 

Во галеријата на Кинотеката, пак, со почеток во 23.30 часот, пет ди-џеи од современата македонска електронска сцена ќе настапат со ди-џеј сетови: Andreas Hz, DJ UX, Martina Peneva, Maggie, Martchin. Ди-џеј сет настапите ќе бидат проследени и збогатени со визуелизации, поточно, со ви-џеј сет ќе настапи мултимедијалниот македонски уметник Video Podgorec.

Влезот за сите настани е бесплатен.