Ден на планетата Земја: Една ни е, да ја спасиме!

Со многубројни кампањи посветени на заштита на животната средина, денеска се одбележува Светскиот ден на планетата Земја.

Во овие кампањи активно учествуваат речиси сите земји низ светот. 

Според генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, нашата цел треба да биде да ги зачуваме природните ресурси кои Земјата ни ги нуди. Многу копнени површини, но и океаните веќе се претворени во депонии. 

„Ова е самоубиствено. Мора да ја завршиме оваа војна против природата и да ѝ помогнеме да закрепне“, вели тој во годинашното обраќање по повод овој ден. 

„Закрепнувањето од ковид-19 пандемијата е одлична шанса да го направиме тоа и за Мајката Земја“, додава Гутереш. 

Денот на Земјата е традиционален годишен настан кој се одбележува на 22 април, а чија цел е да ги истакне и да им даде важност на еколошките проблеми со кои се соочуваме, од климатската криза, преку загадувањето на околината и воздухот, па сѐ уништувањето на шумите. И додека секој од нас не може да делува глобално, дури и најмалиот локален напор да се промени нешто ќе се почувствува и ќе влијае на зачувување на Земјата.

Промената секогаш може да почне од нас - наместо пластични амбалажи за една употреба, можеме да инвестираме во реупотребливи, ќесите од маркети може да се заменат со торби, а рециклирањето на стакло, пластика и хартија се начин да се даде нов живот на она што веќе е „неупотребливо“. 

Почнувајќи од себе, даваме мал, но сепак премногу значаен придонес во спас на природните ресурси, растенијата, животните, но и на човештвото генерално.