Дел од автопатот кај Катланово-Петровец се проширува со уште една лента

Автопатската делница Катланово-Петровец се проширува со уште една лента.  Инвестицијата во активностите за рехабилитација и проширување на делницата во должина од 10 километри изнесува 7,2 милиони евра.

-Оваа делница од Коридорот 10, дел од европските коридори, за нас е многу значајна транзитна патна врска и ова е начинот како да воспоставиме квалитетен, модерен и безбеден автопат ако сакаме да ја одржиме стратешката позиција на земјава во делот на транзит на овој Коридор, изјави министерот за транспорт и врски Благој Бочварски, при денешниот увид на активностите на терен.

Како што информира Бочварски, претходно се реконструираше дел од десниот коловоз и поставен е прв слој на асфалт. Моментно се работи на левиот коловоз, како и на изградба на уште една нова коловозна лента. Исто така и на десниот коловоз се планира изградба на трета лента каде што недостасува, така што, нагласи министерот, очекуваме оваа делница да стане ново модерно автопатско решение.

-Градежните работи очекуваме да се засилат во овој период бидејќи и временските услови полека ни го дозволуваат тоа.  Генерално имаме силна градежна сезона, максимално се работи насекаде низ државата. Само во овој момент се одвиваат градежни активности на 17 патни правци со околу 300 километри и вредност од 825 милиони евра.  Со исто тампо продолжуваме и во наредниот период, рече Бочварски.

Тој нагласи дека реализацијата на капиталните проекти во ресорот транспорт е зголемена на повеќе од 15  проценти во првиот квартaл. Тоа, оцени, е одлична реализација имајќи предвид дека имаме силно влијание од здравственава криза, но и показател дека оваа година ни следи градежна експанзија со значителни стапки на раст на градежништвото.

Директорот на ЈПДП Рустеми потенцираше дека делницата Катланово-Петровец е една од најфрекфентните на овој потег, а целта на активностите за рехабилитација е да се подигне на највисоко ниво безбедноста на учесниците на сообраќајот.

-Проширувањето ќе биде во внатрешниот зелен појас на автопатот со цел да се избегне дополнителна експропријација, изјави Рустеми.

На левиот коловоз се руши постоечкиот мост над Ржанички канал бидејќи е со две коловозни ленти и ќе се изгради нов со три. Сега се работи на долниот строј од новиот мост и избетонирани се четири колови за темелење на новиот мост, три главни носачи и се армираат останатите носачи. Во моментов се одвиваат работи и на рехабилитација со проширување на левиот коловоз. Исто така, ќе се изврши рехабилитација и на десниот коловоз, а пред клучката Катланово, во должина од околу 460 метри ќе се изврши проширување на коловозот со уште една лента, а на мостот над Ржаничински канал ќе има само рехабилитација.

Рустеми најави дека на целиот потег што се рехабилитира во целост ќе се замени постоечката еластична ограда и ќе се вгради нова, ќе се изврши рехабилитација на одводните канали, а ќе се замени и 40 проценти од постоечката жичана заштитна ограда на автопатот.

Парите за проектот се обезедени од ЕБОР. Изведувач на работите е Бетон, а главен Надзор е Градежниот институт Македонија заедно со Евроконсалтинг и ИРД.