Деца - жртви на бујната фантазија на своите родители

Болно амбициозни родители во Македонија од своите деца прават живи кукли и ги пријавуваат на контроверзни избори за мали мисици и мистери.

За потребите на овие избори, родителите од своите малолетни деца прават возрасни човечиња. Ги шминкаат, им прават сложени фризури, ги облекуваат во непримерни креации, ги стегаат со корсети до издишување, ги водат на солариум, ги прскаат со спреј за самопотемнување, им ги кубат веѓите...

На некои од тие избори постојат и категории за најдобар изглед во костими за капење, а меѓу децата дури има и бебиња со само неколку месеци.

-Овие деца се жртви на бујната фантазија на своите родители, но и на желбата за профит, и тоа по цена тормозење на детето, велат психолозте за оваа тема.

Оваа е нов тренд во Македонија. Родителите се премногу амбициозни, па некогаш забегуваат со желбата нивното дете да стане нешто поразлично од другите деца.

Овој тренд, е особено актуелен во Америка, и од ден на ден е се повеќе критукуван.

Кери Кембел, мајка на осумгодишно девојче, отишла многу далеку, следејќи ја желбата нејзината 8-годишна ќерка да го сочува младешкиот изглед и скоро од раѓање и дава инјекции ботокс. Оваа Британка, која живее во Сан Франциско, на секои три месеци ја "подмладува" ќерка си Бритни, бидејќи е уверена дека тоа ќе и помогне подоцна во животот, а оваа козметичарка по професија и "нормално" ја депилира ќерка си.

"Би сакала и јас кога сум била мала да сум ги имала овие можности. Знам дека еден ден ќе биде манекенка, актерка или пејачка, подоцна ќе ми биде многу благодарна затоа што овие третмани ќе и осигураат младешки изглед", ја појаснила оваа мајка својата луда идеја да го ботоксира детето. Производите за разубавување ги набавувала на интернет, а прво ги пробувала на себе, па потоа на девојчето кое е чест учесник на изборите за убавина.

Натпреварувачкото шоу "Toddlers and Tiaras" постојано шокира со некоја родителска будалаштина. А родителите кои ги пријавуваат децата на овие избори велат дека не ги преминуваат границите и дека е сосема нормално да се грижат за убавината на своите деца, а велат дека дополнителен мотив им е некоја од наградите со која би можеле делумно да им ја обезбедат иднината, односно да им соберат пари за школување на престижни училишта и факултети. На социјалната мрежа Фејсбук веќе има група која бара да се тргне од програма шоуто "Toddlers and Tiaras" и да се запрат лудите родители да ги злоупотребуваат децата. Америка и се е можно!