Дали некогаш повторно ќе бидеме нормални?

Пред некој ден ги разгледував моите стари слики, додека пиев вино и гледав серија на Нетфликс. Облечена во пижами, косата во пунџа, без шминка, одеднаш сфатив дека откога започна комшаров, воопшто не застанав да размислам за тоа што навистина значи фразата „нормално“, ниту пак што значи да „продолжиме понатаму“. 

Ако, вие сте како мене, пред да започне сето ова, сигурно сте воделе нормален живот, полн со предизвици, обидувајќи да си го најдете местото под сонцето, кариерата, животот. Дружби и собиранки после работа со пријатели, колеги, сакани луѓе. Родендени, журки, кафани... За поздрав ги гушкавме и бакнувавме пријателите и не ни размислувавме дека сето тоа еден ден ќе го снема. Одевме на места кои беа полни со луѓе, каде имаше гужви, излегувавме на состаноци, живеевме... И кога ќе се видевме со некого, не размислувавме ДАЛИ повторно ќе се видиме, туку КОГА повторно ќе се видиме. И потоа, наеднаш, сите овие работи се сменија. 

Сега седиме на ZOOM во петок навечер, уморни и полу-оптимистични. Не знаеме дали некој телефонски разговор или порака е последното нешто што ќе добиеме од саканите, додека седиме во нашите празни станови. Се прашуваме што ако тие го добијат вирусот и никогаш повторно не видиме како се смеат или дека никогаш повторно нема да ги видиме воопшто. Сега, во свет полно со „АКО“, прашања за „КОГА“ се сосема неизвесни. Сета оваа ситуација со пандемијата направи сите да се прашуваме што значи „нормален живот“ или „враќање во нормала“. Вакцината е на пат. Но, како ќе изгледа тоа ослободување од овој пекол кој нè зафати? 

Гледавме како еден куп мали бизниси исчезнуваа пред нашите очи. На сè повеќе локали гледаме знаци „СЕ ИЗДАВА“ и клуч на врата. Додека се шетам низ маало работите изгледаат толку поинаку од пред една година, кога наивно си го живеев секојдневието во кое најголем проблем ми беа роковите на работа и дали симпатичниот дечко ќе ми пише. Како да се вратиме на ова? Како да се вратиме на нормалното после ваков пекол? Во текот на овие месеци ние се навикнавме на ова што се случува. Барем во поголемиот дел.

Мислам дека поголемиот дел од нас не сфаќаат колку ни недостасува и колку копнееме во старата нормалност сè додека не седнеме и не ги разгледаме старите слики кога светот беше убав и шаренолик, без сето ова што се случува. Кога повторно ќе имаме нормални моменти? Дали ќе може да отидеме да танцуваме без да ни мерат температура? Дали некогаш повторно луѓето ќе ги гледаме како луѓе, а не како потенцијални преносители на вирус кој може да нè убие? Се надевам. Јас сум оптимист. Но, мислам дека нормалните моменти ќе бидат поинакви. Тагувањето по луѓето кои ги изгубивме заради вирусот допрва почнува.

Се надевам дека еден повторно ќе танцуваме, повторно ќе се смееме, дека заедно ќе седиме и ќе се забавуваме. Се надевам дека еден ден ќе се вратиме на безгрижниот живот кој го земавме здраво за готово, а сега би дале сè за повторно да го живееме. Се надевам дека она што некогаш го сметавме за нормално ќе го гледаме за магична збирка на моменти. Се надевам дека додека навигираме во „нормалното“ во пост-КОВИД 19 свет, ќе запомниме дека „нормално“ никогаш навистина и не постоело. „Нормално“ никогаш не постоеше – но постоеше живот. И како таков, мора одново да го изградиме.