Дали градот има капацитет да го води РК Вардар?

Најтрофејниот македонски фудбалски клуб Вардар, делумно или целосно ќе се врати под финансиска закрила на Град Скопје, откако досегашниот спонзор на црвено-црните, Русинот Сергеј Самсоненко, по четири ипол години е на праг да се „откаже“ од поранешниот македонски првак.

Градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов изминатите денови најави дека рускиот бизнисмен Сергеј Самсоненко најверојатно ќе се откаже од финансирањето во фудбалскиот клуб Вардар, што значи дека градот, кој е мнозински сопственик, повторно ќе раководи со нашиот најтрофеен фудбалски клуб.

Најтрофејниот македонски фудбалски клуб Вардар за да испише историја со пласманот во групната фаза во Лига Европа потрошил 5,5 милиони евра (343.861.000 денари), a остварил нето добивка во 2017 година од 792.390 евра (48,732,000 денари), покажува финансискиот извештај на црвено-црните.

Дополнително Сергеј Самсоненко изминатите години инвестираше неколку милиони евра во тренинг камп во Хиподром и Академија која се наоѓа дп Арена „Филип Втори“ во вредност од 2,5 милиони евра. Капитални инвестиции со кои Вардар доби поинаков лик и стана вистински гигант, со услови какви што немаат најголемиот дел од клубови на Балканов.

Ревизорскиот извештај за 2017 година е јавно објавен на 15 мај годинава, во кој независниот ревизор се сомнева во способноста на друштвото (во случајот ФК Вардар) дека може долгорочно да продолжи да функционира на ваков начин.

Јавна тајна е дека во Вардар има сериозни финансиските проблеми. Самсоненко срамежливо низ медиумите тоа и го потврди, со напомената дека „секој што бил во неговите фирми до крај ќе биде исплатен“. Но, доминантниот шампионски тим беше растурен, фудбалерите (про)давани за беспари, конкурентите како од шега ги „крадеа“ играчите од Вардар поради административни пропусти на управата за кои никој не одговараше… Што беше само потврда дека во Вардар ништо не функционира сè како што треба. Клубот во моментов должи огромни пари кон поранешните фудбалери, тие што го одведоа во Лига Европа, зашто ним им се должат по минимум шест плати, плус премиите за пласманот во натпреварувањето на УЕФА.

Заминувањето од фудбалскиот клуб е второ продолжение околу спортскиот колектив Вардар, затоа што Самсоненко се откажа од спонзорирањето на женскиот ракометен клуб, кој практично згасна откако ракометарките на европскиот вицешампион добија одврзани раце да си бараат нови средини по завршувањето на сезоната и тие го напуштија Скопје.

Град Скопје е на прагот по вторпат да управува со Вардар, откако градските власти во летото 2011 гоина успеаја да го спасат клубот од пропаст. Тогаш со сомнителна фузија, Вардар остана прволигаш, а потоа со финансиска инјекција се создаде тим што по девет години пауза доминантно го врати шампионскиот пехар во своите витрини. Градот Скопје две ипол години го раководеше клубот во период во кој беа освоени две шампионски титули, а трофеј не беше освоен само во 2014 година, кога настана и преструктуирањето на клубот и превземањето од страна на Самсоненко.

Но, се поставува прашањето: Дали градот има капацитет и средства да раководи со гломазниот фудбалски клуб?

Дали градскиот буџет е подготвен да одвои неколку милиони евра со кој би успеал да ги плати скапите фудбалери со кои ФК Вардар има потпишано неколкугодишни договори. Дополнително, оптоварување за градот би било сервисирање на сите објекти со кои располага клубот  и истовремен да обезбеди плати за големиот број административци кои работат во клубот.

Познавачите на состојбите велат дека најавите за преземање на РК Вардар од страна на градските власт се избрзани и дека претходно потребно е да се направи добро скенирање на состојбите во клубот, а потоа да се носат било какви одлуки. Останува времето да покаже каква ќе биде судбината на црвено-црните.