Дадете свој предлог: Скопјани го бомбардираат Градот со предлози за велосипедската инфраструктура

Интернет-страницата за јавни поплаки околу недостатоци на велосипедската инфраструктура е дел од проектот ФУПОЛ – „Интелигентни алатки за креирање политики“, финансиран од Европската Унија. Градската власт, сите граѓански забелешки ги прибира, разгледува и потоа ги внесува во своите годишни програми за реализација. Станува збор за еден вид систем за собирање податоци, идеи, коментари и критики од голем број извори, нивно обработување и прикажување.

Од Градот се уверени дека овој проект ќе придонесе за подобрување на начинот на кој политичарите и администрацијата комуницираат со граѓаните.

Забелешките се однесуваат за цел град. Па за проблематични места на кејот, луѓето оставиле коментари и за недостатоците во своите населби или општо за трасите на кои се движат. Наведено е дека кај гимназијата „Јосип Броз“ има висок рабник, кој не е приспособен за велосипедисти, потоа на булевар Јане Сандански се поставени семафори среде патека, во некои делови таа е нерамна и со високи рабници. Најбомбардирана со поплаки е „Партизанска“, од Центар до Ѓорче Петров - уништени патеки, возила на тротоари, дупки по целата нејзина должина. На булеварот Kиро Глигоров, пак, во Маџари, граѓани се жалат дека велосипедската патека е руинирана и уништена, а и делови од „Александар Македонски“. Голем дел од забелешките се однесуваат и на автобуските постојки, кои се наоѓаат среде постојни велосипедски патеки, и бараат да се поместат, нешто што беше најавено и од градската власт.

Нотирано е дека нема воопшто велосипедски и пешачки патеки на улицата од Црниче кон Центар, на Јужен булевар, на дел од Трета македонска бригада, на дел од булеварот Србија и Видое Смилевски-Бато, кај ОУ „Лазо Ангеловски“ во Ново Лисиче, на сервисните улици во Центар што се во надлежност на локалната власт, кај ЗОИЛ има, но не е обележана, а воедно е окупирана од возила и пешаци,

Освен на оваа страница, граѓаните, своите забелешки може да ги оставаат и на социјални мрежи како „Твитер“, „Фејсбук“ и блог-страницата на Градот.

Она најважното, од Градот велат дека многу од граѓанските сугестии се веќе вградени во рамките на проектот „Вело-Скопје“ и ќе се реализираат фазно, до 2017 година, до кога е најавено целосно спроведување на проектот. Пристигнатите сугестии и предлози што беа од суштинско значење, иницираа и формирање интерсекторска група во Град Скопје, која е задолжена за подетаљна анализа и нивно вградување во проектите на Градот.

Страницата на која сите заинтересирани може да оставаат свои забелешки е:

https://fupol-6.cellent.at/fupol-client/editableOpinions/3326901;jsessionid=B3EB5CAF90D3487ADBA67B3D9AE8F9E9?0.