Д-р Беќаровски за корона бројките: Последиците од политичките кампањи и собирите може да се очекуваат за 15 дена

Професор д-р Нико Беќаровски од Клиниката за токсикологија утрово, во гостувањето во Утрински брифинг, зборувашe за актуелната состојба со ковид пандемијата и за тоа каде во претходниот период потфрлија неговите колеги од медицинската фела.

-Здравствената заедница посебно тие што треба да бидат најактивни не се. Сите сме преокупирани со ковидот, но секој од својот аспект. Дел од здравствената заедница е себична. Од пулмолозите кои работат во Клиниката за пулмологија гледаме на телевизија само двајца. Хематолозите требаше да бидат во првите редови зошто станува збор за болест на крвта, за згрутчување на крвта. Интерно ги разменуваме ние информациите, но треба да се соопштат и на јавноста. Достапни се информациите од светската здравствена јавност, порано ги плаќавме, сега се бесплатни. Но тие што требаше да објаснат не го прават тоа, што од страв, некои поради тоа што се соочивме со нешто непознато, но фер и чесно е да се излезе, сепак сме учеле за ова, лекарите треба да се во првите борбени работи. Ние што се појавуваме пет – шест ликови, сами на себе се смачивме, вели проф. д-р Беќаровски во Утрински брифинг.

Тој појасни зошто во соседството нагло растат бројките на смртни случаи, а кај нас состојбата изгледа како да е смирена.

-Има 2 причини поради кои сме во едно плато. Објективно, бранот кај почна многу порано. Со враќање на печалбарите. Уште во јуни апелирав да се вакцинираат, а тие слободно влегуваа, не се вакцинираа, правеа свадби во затворено. И веќе прегоревме во овој бран со делта сојот. Хрватска на пример летово, драстично внимаваше на мерките за да не им пропадне летната сезона. Во Србија исто беше смирено во тој период. Вториот аспект, е што ние дел од тие што се позитивни ги немаме во системот. Знаат дека се позитивни и се уште се движат. Човек кој има пиљара кашла, се тестира позитивен и целата неговата фамилија е позитивна. Но не може да ја затвори пиљарата, зошто му е извор на егзистенција. Оди на лекар и не кажува дека е болен. Тоа се луѓе кои системот не ги регистрира како ковид позитивни, вели д-р Беќаровски.

Во однос на вакцинацијата тој нагласи дека со малиот процент на вакцинирани кој се движи под 40% далеку сме од колективен имунитет, или имунитет на стадо.

-За некои работи навистина се однесуваме како стадо. Сабота недела гледаме шпанско, италијанско, англиско превенство, преполни стадиони, а таму смртноста е помала поради добро спроведена вакцинација. Кај нас е поголема, а причината е многу едноставна, прво кога дојдоа вакцините сите прашувавме за нејзината ефикасност. Објективно во моментов, Фајзер и Астра Зенека ја имаа таа ефикасност, но како мутираше вирусот се намали ефикасноста и сега е од 70 до75, а тоа значи дека 25-30 од вакцинираните не создаваат имунитет. Не се овозможи систем со кој ќе определиме дали вакцината е успешна или не. Може е скап за здравствениот систем. Немавме кампања за вакцинирање со која на луѓето ќе им се кажеше, вакцинирајте се ефикасна е вакцината во одреден процент, вели д-р Нико Беќаровски.

Тој очекува реално бројките на заболени и натаму да растат, зошто последиците од политичките кампањи и собирите може да се очекуваат за 15 дена, после изборите кога граѓаните се опуштија на митинзите.

Делта плус сојот ќе биде маскиран со делта варијантата кај нас, рече д-р Беќаровски додавајќи дека во Европа во моментов предоминира делта плус варијантата.