Чулев: МВР функционира професионално и неселективно, но има опструкции

Статистичките податоци покажуваат дека МВР во изминатите неколку денови односно полициските службеници беа на ниво на нивната задача затоа што здравјето на граѓаните е најважно. Викендот МВР беше вклучено во преземање мерки со цел утврдување дали ќе се почитува полицискиот час, личната заштита – маските, обезбедувањето на државните карантини и контрола во угоститилските објекти заедно со Државниот пазарен инспекторат, информираше министерот за внатрешни работи Наќе Чулев на денешната прес-конференција.

Од четвртокот од 21 часот до денеска на територијата на целата држава, МВР регистрирала вкупно 5.397 прекршувања на полицискиот час, а најголем дел 340 се на територијата на СВР Скопје.

За непочитување на уредбата за носење лична заштитна опрема констатирани се 1.777 непочитување и тоа, како што рече Чулев, најмногу во СВР Струмица, каде има 417 непочитувања и на територијата на СВР Охрид 356. Вкупно досега за неносење заштитна лична опрема има 8.188 непочитувања.

Изминатиот викенд во соработка со Државниот пазарен инспекторат извршени се 1.543 контроли во угостителски објекти и регистрирани 22 непочитувања, од кои 18 на територија на СВР Охрид и четири на СВР Струмица.

Според Чулев, издадени се 1.648 решенија за изолација и 584 изјави за самоизолација. МВР извршило 8.701 контрола на самоизолација и изолација.

Министерот Чулев посочи дека високата посветеност од страна на полициските службеници наместо да биде валоризирана, многу често е злоупотребена од страна во политички цели од страна на власта.

Апелираше до јавноста и до сите политички структури во државата да се воздражат од неосновани напади кои и нанесуваат штета на полицијата.

– Свесен сум за револтот на граѓаните за ограничување на движењето, но целта е заштита на здравјето на граѓаните, а одлуките се носат на предлог од Комисијата за заразни болести, а МВР имаат задача и обврска да го контролираат нивното спроведување, рече Чулев.

Во однос на обвинувањата од страна на власта до него, како што рече, работите се јасни од првиот ден како министер за внатрешни работи.

– Мојот став е дека МВР треба да функционира професионално, неселективно и законито. Во суштина во изминатиот период тоа се покажа во пракса, во најголем дел успешно ги спроведовме одлуките на Владата, а со тоа го заштитивме и здравјето на граѓаните. Грешки и пропусти сигурно има и тие се дел од работењето, но лошо е кога грешките се случуваат поради опструкција, несоработка и постапување по партиски директиви, рече меѓу другото Чулев.

Тешко е, нагласи тој, една моја замисла, идеја или директива да се спроведе во пракса, без да наидам на многу опструкции, како што наведе, од МВР внатре, но и од страна на Владата.

– Начинот на организација и напостапувањето на полициските службеници е исклучителна обврска на директорот на БЈБ кој раководи со Оперативниот штаб формиран за оваа намена. Јас како министер имам обврска да ја гарантирам законитоста и неселктивноста на постапувањето на полициските службеници, меѓутоа немам ингеренции да ја организирам нивната работа и да давам конкретни задачи за нивно постапување, појасни Чулев.

Потенцира дека во телеграмата упатена до полициските службеници од страна на директорот на БЈБ, јасно се нагласува дека полициските службеници постапуваат само по добиени насоки и задачи од негова страна.

– За мене како минситер за внатрешни работи најважно е да ја добиеме битката со коронавирусот и така ќе биде и во иднина. Апелирам до јавноста да не подлегнува на провокациите кои владечката партија ги пушта во јавноста. Тие се само обид за политичка дискриминација и факт кој покажува дека тие се грижат само за сопствениот рејтинг, но не и за здравјето на граѓаните, истакна министерот за внатрешни работи Наќе Чулев.