Чешмички за пиење вода, светилки...Се реконструира паркот Жена борец (ГАЛЕРИЈА)

Градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски и директорот на ЈП „Паркови и зеленило“, Душан Авировиќ денеска извршија увид во градежните работи за реконструкција на паркот Жена борец.

- Екипи на Град Скопје интензивно работат на хортикултурно уредување на зелените јавни површини на паркот Жена борец. Станува збор за реконструкција на јавна зелена површина од околу 7.000 квадратни метри, на којашто ќе се изврши замена на стариот со нов тревник. За првпат во зеленилото ќе се постави и систем за наводнување со 135 прскалки, 1.000 метри ситем капка по капка, главна водоводна мрежа од 850 метри и 35 хидранти за полевање на зеленилото. Досега зеленилото во паркот се полеваше рачно со црева. Се надевам дека со новиот систем за наводнување ќе биде постојано зелена тревата во паркот што ќе придонесе за поубав амбиент во него. Во рамките на паркот е заменета старата и оштетена урбана опрема со нова. Како што гледате во паркот се уредени и патеките, а веќе се монтирани 55 вградени светилки коишто ќе ги осветлуваат дрвјата. Исто така, ќе се постави и ново осветлување со 45 декоративни столбови за осветлување со висина од 4,4 метри, на кои ќе се монтираат светилки од 70 вати. Во паркот ќе се изградат и три чешмички за пиење вода и се надевам дека по неговата реконструкција ќе го направиме попријатно место за граѓаните - истакна градоначалникот Трајановски.

На хортикултурното уредување на паркот работат екипите на ЈП „Паркови и зеленило“, а за реализација на овој проект од Буџетот на Градот ќе се издвојат околу 5 милиони денари.